Кузески: Охрид ги има сите потребни предуслови да стане лидер во спортскиот туризам

Општина Охрид до претходната година имаше пракса да ги подржува спортските клубови во градот со обезбедување превоз и основни средства за котизација на екипите кои се натпреваруваа во сениорските и младинските лиги. Вака ја започна денешната прес конференција портпаролот на ОО на СДСМ Охрид, Александар Кузески.

„Новата локална власт во Охрид, следејки ги политиките на централната извршна власт за бркање на младите од сопствената држава, ги презеде следниве конкретни чекори:

– Згаснување на женската фудбалска екипа, актуелен шампион на Република Македонија и учесник во лигата на шампионите.

– Кошаркарскиот клуб „Колибри“ кој за две години со својот подмладок стигна до чекор за влез во Прва лига беше оставен на цедило без средства за котизација и превоз.

– Атлетскиот клуб кој е еден од најтрофејните клубови во Охрид, оваа година е оставен сам на себе.

– Кајакарскиот и веслачкиот клуб не учествуваа на регати како до лани, а нивните натпреварувачки активности се сведени на минимум…“– обвини Кузески.

Како што посочи Кузески, еден од приоритетните проекти во изборната програма на ДПМНЕ за локалните избори беше изградбата на затворениот базен, како основен предуслов за развој на пливањето и ватерполото, како водени спортови со најдолга традиција во спортскиот живот во Охрид.

„Но, и овој проект ја доживеа судбината на многу други проекти на ДПМНЕ, кои останаа само мртво слово на хартија и пуста желба. Единствениот базен во градот, каде што во текот на летните месеци можат да се организираат пливачки школи, сеуште е отворениот базен во СРЦ Билјанини Извори, кој после долги години беше реконструиран, рехабилитиран и повторно вратен во функција во времето на претходниот градоначалник. Жалосно е за спортот во Охрид кој сме навикнале да е центар на фудбалот, кошарката, атлетиката и ракометот сега да биде на маргините на опстојувањето. Охрид во минатото со години бил домакин на големи европски и светски натпреварувања на што единствено се должи и одигрувањето на Купот на Македонија во кошарка токму во нашиот град. За парадоксот да биде уште поголем, на манифестацијата за избор на спортист на градот, на градоначалникот Бакрачески му беше доделено посебно признание за подршка и развој на спортот во Охрид, а притоа спортските работници останаа навредени и згрозени.“– рече Кузески.

Кузески рече дека Охрид ги има сите потребни предуслови да стане лидер во спортскиот туризам и место каде што спортските селекции ќе ги вршат своите претсезонски подготовки.

„Попластично, тоа значи шанса за солиден прилив на пари, а не несреќна околност која СРЦ Билјанини Извори ќе го заглави во долгови од кои претпријатието нема да може да крене глава. Меѓу другото, само луѓе кои немаат никаков сенс за спорт можат да го занемарат присуството на најголемата кошаркарска легенда која некогаш излегла од балканските простори, Жељко Обрадовиќ, кој летово во Охрид одржа тренерска клиника.“– додаде Кузески.

На прес средбата Кузески даде еден совет до правните експерти од локалната самоуправа на ДПМНЕ, за кои како што рече се обиделе да им објаснат преку медиумите дека јавно-приватно партнерство и концесија не било исто, односно дека не знаеле што е концесија, а што јавно-приватно партнерство.

„Е па, еве, за таквите „стручни експерти“, ќе го цитираме последниот став од точката е) на член 5 од Законот за концесии и јавно приватно партнерств (Сл. Весник на РМ 6/2102 од 13.01.2012 год.):

… јавното приватно партнерство може да се воспостави како:

1)    концесија за јавна работа или

2)    концесија за јавна услуга или

3)    договор за јавна набавка на работа или

4)    договор за јавна набавка на услуга.

Јавното приватно партнерство се воспоставува со договор.

Ете толку за големата „стручност“ на „експертите“ од локалната власт на ДПМНЕ. Овојпат, оваа правна лекција им ја даваме бесплатно. Следниот пат ќе им испоставиме фактура.“– заврши Кузески.

WebOhrid