Стојаноски: На вчерашната седница на Советот беа донесени одлуки кои негативно ќе се одразат врз понатамошното работење

ОО на СДСМ Охрид, на денешната прес-конференција реагираше на вчерашната одржана 22 седница на Советот на Општина Охрид, на која биле донесени неколку одлуки за кои што од СДСМ сметаат дека негативно ќе се одразат врз понатамошното работење на Локалната самоуправа, Јавните комунални претпријатија, а секако и врз живеењето и работењето на граѓаните на општина Охрид.

Тие реагираат на следните одлуки:

1. Предлог Одлука за давање согласност на Одлуката за усвојување на физибилити студијата за ЈПП за изградба на затворен зелен пазар во Охрид,

2. Предлог Одлука за донесување на Правилник за субвенционирање (начинот и видот) на туристичката такса на вршителите на угостителска дејност од мал обем,

3. Предлог Одлуки за давање согласност на Ценовниците на услугите на дел од Јавните комунални претпријатија“.– обвини советникот од СДСМ Охрид, Јован Стојаноски.

Во однос на првата одлука поврзана со изградбата на затворен зелен пазар, од СДСМ реагираат на прифаќањето на изработената Физибилити студија од страна на ангажираната консултантска куќа Аналyсис анд Адвисорy гроуп од Скопје, која студија според нив била крајно непрофесионално изработена и за што барале од Советот истата студија да не биде усвоена и да се врати на доработка.

„Напоменуваме дека не сме против отпочнување на постапка за изградба на Затворен зелен Пазар по пат на ЈПП, идеја која беше започната уште во времето на претходниот градоначалник Александар Петрески. Меѓутоа со ваков изграден модел на инвестирање, односно врз база на студија во која е прикажана само една можна опција за изградба на пазарот, без притоа да биде разгледувана и барем уште една можна варијанта или да биде разгледувана нултата инвестициска опција (да не се гради затворениот пазар) е сосема неприфатливо при инвестиционо планирање. Сакаме да истакнеме дека во „Законот за концесии и Јавно приватно партнерство“, се наведени четири модели за остварување на ваков облик на соработка, а ангажираниот консултант си зема за право самиот да одлучи кој од тие модели е најпогоден, со што навлегува во ингеренциите на нарачателот на услугата-Општина Охрид.“– рече Стојаноски.

SDSM_press_02

На прес средбата Стојноски рече дека она што е најбитно, најзначајно и што владеењето на сегашната локална власт ја прави лош домаќин биле економските параметри содржани во Физибилити студијата, а за кои сметаат дека крајно неповолно ќе се одразат врз идниот економски развој на општината.

„Тоа се:

1. Вкупната инвестиција од од прилика 7.100.000 евра ќе придонесе само за 5 нови вработувања,

2. Во проектираниот Биланс на успех за наредните десет години, Јавното комунално претпријатие „Градски пазар“ ќе работи со загуби, а досега работело и работи со позитивни финансиски резултати

3. При учество на Општината во вкупната инвестиција со од прилика 3.200.000 евра (учеството е преку давање на користење на земјиштето и откажување од комуналиите за градба), која инвестиција е 45% од вкупно потребните средства, распределбата на имотот од вкупно планираните 6799 метри квадратни, на приватниот партнер планирано е да му припаднат 4683 метри квадратни  плус целокупниот подземен паркинг простор, што од прилика е во сооднос 20:80 во корист на приватниот партнер. Понатака, во студијата воопшто не е разгледувана Анализата на еколошките импликации на планираната инвестиција (влијание врз животната средина и посебно врз позначајните еколошки области-загадување на воздух, почва и вода, геолошки пореметувања, бучава, струење на воздух итн), што е силно препорачливо при изработката на вакви инвестициски проекти.“– истакна Стојаноски и додаде:

„Се прашуваме, во ситуација кога се наоѓаме во тешка финансиска состбојба во државата, дали е потребно така евтино да се откажеме од земјиштето во сопственост на општина Охрид во корист на приватниот партнер во овој проект, а секако на штета на општествениот имот и на штета на граѓаните на Охрид. Понатака, дали прифаќањето на овој инвестиционен проект е само фаворизирање на одредени потенцијални приватни стопанственици, блиски до локалната власт и настојување да приграбат имот со огромна економска цена, но и бесценето значење во животот на граѓаните на општина Охрид, и дали е ова уште еден обид на локалната власт на сосема незаконски начин да приграбат за себе имот кој со генерации го создавале и им припаѓал на сите жители на нашата општина“.

Како што рече Стојаноски од друга страна, лицемерието на локалната самопурава се гледало уште повеќе и со вчерашното донесување на Правилникот за субвенционирање на приватните станоиздавачи, кога Советот донесол незаконска, нестатутарна и неделовничка одлука.

„Советничкото мнозинство усвои Правилник, односно акт, чие донесување не е во рамките на неговите надлежности, утврдени со закон и статут. Правилникот е акт што треба да го донесе градоначалникот, како извршна власт во општината, врз основа на неговите законски надлежности. Советот, согласно законот и статутот, носи одлуки, заклучоци и ставови и дава мислења и насоки. Но, ДПМНЕ одамна покажа дека не ги почитува законите на оваа држава.“ – додаде Стојаноски.

WebOhrid