Тунтев: На вчерашниот митинг беше чест и гордост да се биде опозиционер во Охрид

Вчера беше чест и гордост да се биде опозиционер во Охрид. Синоќешниот митинг на градскиот плоштад покажа што значи кога охриѓани, и само охриѓани, со полни гради со опозиционерски дух, се собраа во огромен број да му дадат поддршка на проф. д-р Стево Пендароски, кандидатот за Претседател на Република Македонија. Вака ја започна денешната прес конференција претседателот на ОО на СДСМ Охрид, Томислав Тунтев.

„Вчера Стево ги обедини охриѓани од различни вери, од различни етникуми и од различни политички партии, кои сите заедно, по сопствено убедување и со сопствена волја дојдоа да го кренат својот глас против погубните политики на ДПМНЕ. Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите што во себе успеаја да најдат храброст и одважност и што присуствуваа на митингот. Охрид вчера покажа дека опозиционерскиот дух расте од ден на ден и дека ќе кулминира со убедлива победа на претстојните избори. Исто така, сакам да ги поздравам тие што синоќа беа со своите мисли и со својата душа на охридскиот плоштад, но не дојдоа, затоа што беа заплашени, уценети и предупредени да не доаѓаат. Во претходните неколку дена на голем број наши членови и симпатизери им беа упатени отворени закани, уцени и притисоци од страна на нивните шефови, раководители и директори од ДПМНЕ, по образовните и здравствените установи, по јавните претпријатија и во локалната самоуправа, дека ќе имаат реперкусии и последици на своите работни места, доколку се појават на митингот на СДСМ. Тоа истото се случи и минатата недела, со луѓето што присуствуваа на митинзите со Заев и Шеќеринска.“ -истакна Тунтев.

Тунтев ја искористи приликата да ги охрабри сите оние охриѓани, како што рече, на кои веќе им е преку глава дојдено од секојдневните притисоци што ги трпат на своите работни места, незадоволството ќе го искажат во недела на 13-ти април.

„Им порачувам дека својот револт и своето незадоволство од крајно непрофесионалното и нечовечко однесување на нивните претпоставени најдобро ќе го изразат во недела, на 13-ти април, на избирачките места, со заокружување на бројот 3, давајќи го својот глас за Стево Пендаровски, за неопходните промени, за новите прогресивни политики.На тој начин ќе бидат казнети и поразени сите деструктивни функционери од ДПМНЕ, кои бесрамно и бескрупулозно применуваат партиско осветољубие и политички реваншизам, не сакајќи да сфатат дека луѓето се од крв и од месо, со сопствени чувства, со сопствени судбини, со свои семејства и животи, а не само бројки што им се потребни исклучиво за добивање гласови на избори. Во членот 160 од Законот за избори стои вака: „Тој што со употреба на сила, закана, измама или на друг начин ќе спречи или друг ќе присили да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор од најмалку три години“. Затоа, ние ги охрабруваме сите уценети, заплашени и присилени наши сограѓани да го кренат својот глас против тиранијата на ДПМНЕ и да ги пријават сите неправилности и нерегуларности во изборниот процес, за да ги стигне казната сите оние што се дрзнале да му се закануваат на сопствениот народ. Правото на глас, даден според своето сопствено убедување, е уставно право на секој граѓанин на оваа држава, и никој не смее да го одзема или злоупотребува тоа право. На избирачкото место, зад параванот, само тој што гласа знае за кого гласал. Никој друг не знае кој како гласал и кој за кого гласал. Бадијала од ДПМНЕ ги плашат луѓето со лагите за некакви камери, за специјални пенкала, за бугарски возови, за сликање со телефони или за обележени сериски броеви. Нема ништо од тоа, нема вистина во тоа – сето тоа е лага, сето тоа е само сеење страв и закани меѓу чесните гласачи.“– рече Тунтев и додаде: 

„Затоа, со заокружување на бројот 3, за Стево Пендароски, нашите сограѓани истовремено ќе гласаат и ЗА промените, просперитетот и иднината на нашите деца, и ПРОТИВ сиромаштијата, мизеријата и недемократското режимско владеење на оваа власт. Впрочем, трите столба, врз кои се темели изборната програма на СДСМ на овие парламентарни избори, се: Да ја вратиме средната класа, Да ја вратиме слободата и Да инвестираме во нашата иднина. Охриѓани ќе покажат дека сакаат да живеат во нормална држава, каде што владеат универзалните демократски вредности: еднаквост на можностите, социјална правда и солидарност, општествен дијалог, слобода и еднаквост пред законот и политичари што власта ја сфаќаат како одговорност, а не како моќ.“– заврши Тунтев.

WebOhrid