Кандидатите за пратеници од ВМРО – ДПМНЕ во петтата изборна единица во последните јавни настапи се обидеа да ни продадат мислење за нашето здравство како тоа да е западно–европско. Па не испровоцираа да ги соочиме со реалноста и да ги разбудиме од сонот кој што го живеат, обвини на денешната прес конференција советникот од ВМРО-НП Охрид, Јоне Станковски.
„Зборуваат за успешната реконструкција на охридската Општа болница, а забораваат колку долго време Охрид го оставија без стандардното медицинско згрижување, додека тие се обидуваа да ги поправат лошите проекти, уште полошата изградба, па пределуваа нови тендери и финансии. Да ве потсетиме, господинот Василевски на втори февруари 2010 години изјави дека наредниот месец ќе започне изградбата на болницата. За конечно реконструкцијата да започне седум месеци подоцна со изјавата на самиот Васлевски. Ни ветивте дека Охрид ќе е без болница само 16 месеци и дека ви се потребни само 16 месеци за да ја реконструирате старата болница, за само после една година да правите ревизија на реконструкцијата со цел да се утврдат одговорните за пропустите што ја пролонгираа реконструкцијата. Што утврдивте? Кои се одговорните лица за пропустите? Никогаш не дознавме? Да не сте тоа вие? Двоецот Арнаудов, Василевски па сега ве унапредуваат во пратеници?“ истакна Станковски.
Станковки рече дека после пет месеци тапкање во место повторно продолжиле со реконструкцијата и овој пат ни ветуваат дека болницата ќе е готова за 8 месеци.
„За конечно болница повторно да профункционира во март 2013, а пролонгирањето на изградбата грешките во неа ги призна и кандидатот за пратеник, Василевски. Значи ни ветивте нова болница за 16 месеци, а го оставивте Охрид без болница повеќе од 30 месеци, ви беа потребни не еден тендер, туку повеќе тендери, никогаш не го лоциравте одговорниот за нехуманото и неодговорно пролонгирање на изградбата. Носителот на листа, Антонио Милошоски на 4ти април ќе изјави дека, цитирам „Сашо Василевски како лекар најдобро знае, дека порано специјализацијата на лекарите беше привилегија на малкумина, таков беше поставен системот, но денес министерството за здравство има друг концепт, специјализацијата, дообуката во Македонија и надвор од неа ќе биде обврска…. “– рече Станковски.
Од Ок на ВМРО-НП го прашуваат Милошоски, дали неговата изјава значи дека неговиот кандидат за пратеник Василески бил привилегиран порано па ја добил специјализацијата.
„Дали господинот Милошоски знае дека младите доктори треба да потпишуваат меници со висини над 100 000 евра за да ги добијат специјализациите за кои тој говори, пари кои младите доктори ниту ги имаат ниту можат да ги заработат, а треба да ги задолжат? Дали господинот Милошоски знае дека во дел од болниците (Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид, од каде што потекнува и Бакрачески) младите докторки кои треба да добијат специјализации им се поставуваат услови во договорите дека додека се на специјализација во наредните пет или шест години не смеат да користат трудничко отсуство повеќе од 12 месеци? Дали е тоа хумано? Дали е тоа исправно? Господине Милошоски, ако вие како пратеници на ДПМНЕ потпишувате меници, тоа не треба да им се прави и на младите доктори кои земаат плата од 360 евра месечно, господине Милошоски како како демо-христијанска партија нудите такви договори за специјализација што на младите доктори им ги ускратувате условите во кои тие треба да формираат семејства? Нам ни треба здравствена политика во која и докторите ќе бидат еднакви со другите професии, а не да бидат цел на уцени и потценувања. Па нели г-дине Милошоски вие се откажавте од министерското место во владата само за да му се посветите на вашето семејство!“ запраша Станковски.
Кандидатите за пратеници го споменуваат проектот мој термин, но не го споменуваат проектот „Плата по учинок“ кој претставува една антиреформа, обвини Станковски на прес средбата.
„Преоктот „Плата по учинок“ не само што не е прифатен од докторите, тој континуирано покажува слабости. Така докторите се приморани да станат административци. Колку за илустрација, ако во една установа во Охрид, пример, има во просек по 100 прегледи или интервенции по доктор специјалист од една област тогаш ако некој негов колега направи 80 прегледи или интервенции тој ќе добие 80% од ионака скромната плата на докторите. Ако во друга болница на пример во Кичево има во просек 10 прегледи или интервенции по доктор од истата специјалност, тогаш специјалистот од Кичево со само 12 прегледи или интервенции ќе добие 120%. Значи ако една установа добро функционира, или ако многу подобро функционира од другите, тогаш и покрај зголемниот обем на работа таму докторот многу потешко може да дојде до својата 100%-тна плата.“ и додаде:
„Зошто ВМРО – ДПМНЕ силно запнале да го префрлаат Заводот за кардиоваскуларни заболувања од Охрид во комплексот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ позната како костозглобна? Зошто да не се префрли во објектот на поранешната Специјална детска болница (која болница беше затворена од оваа власт)? Дали станува збор за некој бизнис со објектот на поранешната детска болница? Дали градоначалникот Бакрачески поради тоа е немоќен во својата заложба да ја префрли болница во тој објект како што изјави на 03 октомври 2013. За потоа повторно како и многу пати до сега да го прекрши својот збор и на 27 февруари 2014 да не уверува во исправноста на одлуката Кардиолошкиот завод да се спои со Костозглобна.“– заврши Станковски.
WebOhrid