Тунтев: Во секоја нормална демократска држава опозицијата поставува прашања, а власта дава одговори пред јавноста

Претседателот на ОО на СДСМ Охрид и кандидат за пратеничката листа во 5-тата ИЕ, денес на прес конференција им се обрати на граѓаните на општина Охрид.

„Во секоја нормална демократска држава опозицијата поставува прашања, а власта дава одговори пред јавноста. Во секоја нормална демократска држава опозицијата ја критикува власта и претставува коректив во нејзиното владеење. Во секоја нормална демократска држава кандидатите за највисоките општествени функции – претседател, премиер, пратеник, советник – се појавуваат на националните телевизии на дебати, расправи или дуели и таму ги спротивставуваат своите политички мислења и ставови, пред очите на целата јавност. Очигледно, нашата држава не е нормална демократска држава, затоа што кандидатите од владеачката ДПМНЕ не само што одбиваат и се плашат да се појават на ТВ или радио дуел, туку цело време се обидуваат да манипулираат со јавноста, ширејќи невистини од партиските говорници и обидувајќи да ја префрлат одговорноста врз опозицијата за сопствената неспособност, незнаење и немоќ. Згора на тоа, цело време ги кршат и не ги почитуваат законите на оваа држава, затоа што се власт што владее со закани, уцени и заплашување.“– истакна Тунтев.

Тунтев рече дека вработените во локалната самоуправа и по јавните претпријатија во Охрид деновиве се подложени на невидени притисоци, да носат списоци со гласачи и по секоја цена да гласаат за Иванов.

„Болниците и училиштата се претворени во партиски штабови на ДПМНЕ, од каде што се издаваат партиски директиви. Плакати од Иванов се лепат насекаде каде што е тоа недозволено и забрането со закон – по сообраќајни знаци, на трансформатори, по бетонски огради. Во екот на изборната кампања се тампонираат и се асфалтираат улици и се изведуваат градежни зафати. На одредени етнички групи им се земаат личните карти и се подготвуваат „бугарски возови“, а црни ауди со затемнети стакла и скопски таблички веќе почнаа да се движат низ селата во општинава. Луѓе се вработуваат во јавните претпријатија и државните установи, волонтерите со сила се тераат да агитираат по домовите на граѓаните, а на сиромашните им се ветува простување на долговите и неплатените сметки.“– рече Тунтев и додаде: 

„Со нереалната изборна програма ДПМНЕ нуди нови 2046 проекти. Еве само неколку примери за нивните таканаречени „проекти“: „Инфо средба со млади“ – што подразбирало средби со млади невработени лица; „Дали возам безбедно?“ – тоа значело лепење на налепници на автобусите со текст – дали возам безбедно?; „Соседска патрола” – заинтересирани граѓани да патролирале по улиците за зголемена безбедност; „Како сте?” – полициски службеници ќе посетувале стари лица и ќе ги прашувале како живеат; „На кафе кај соседот” – полициски службеници на покана на граѓаните ќе ги посетувале граѓаните; „Мојот полицаец” – секоја месна заедница или совет на станари ќе имале телефонски број од полициската патрола од реонот. Сето ова, замислете, го крстиле ПРОЕКТИ. Замената за 10 прегорени неонки во една фискултурна сала во училиштето ја нарекуваат Проект за реосветлување на спортски објект. А каде им отидоа стотиците ветени, а нереализирани проекти? Зошто само пред избори се повторуваат истите проекти? Со пректот за скијачки центар на Галичица, со пректот за автопатот за Кичево, со проектот за експресниот пат за Св. Наум, со проектот за индустриска зона во Мауцкер и со уште ред други проекти, локалната самуоправа нема никаква врска и, согласно законот, нема никакви ингеренции за нивната реализација. За сите овие проекти е задолжена исклучиво централната власт. Па каде беше до сега, цели 8 години, централната власт на ДПМНЕ да ги преземе овие проекти? Зошто до сега не ги реализира? Зошто се чекаат само избори, за да се ветуваат истите работи. Ги видовме ние проектите на оваа власт – Хотелот Славија, кој работеше успешно во текот на целата година, му се продаде на контраверзниот Субрата Рој: денес на таблата пред хотелот стои знакот на Сахара груп, хотелот е затворен и не работи, 20 луѓе останаа без работа, 20 семејства останаа без леб, а Субрата Рој заврши во затвор во неговата земја за финансиски малверзации. Каде исчезнаа ветените луксузни хотели од познатите хотелски ланци? Каде исчезна ревитализацијата на Студенчишкото блато? Каде исчезна ветената сообраќајница од мостот до Горица? Каде исчезна аеродромот на вода? Каде исчезна туристичкиот комплекс во Љубаништа? Зошто охриѓани останаа без болница и соодветна здравствена заштита цели 3 години? “– запраша Тунтев.

Тунтев рече дека  во нормална демократска држава власта треба да даде одговор на овие прашања, но  овде власта ја напаѓа опозицијата.

„Овде власта со народни пари плаќа реклами и билборди за да ја критикува опозицијата, а на нивните изборни митинзи премиерот зборува наместо претседателот. Е па, за да се врати Македонија во друштвото на нормалните демократски држави, за да се врати средната класа во Македонија, за да се врати изгубената слобода и демократија и за да се врати иднината за нашите деца, во недела треба да се гласа за Стево Пендаровски. Во недела треба да се заокружи бројот 3. Гласот за Стево Пендаровски ќе значи чекор поблиску кон нормална демократска држава. Гласот за Стево Пендаровски ќе значи казна за власта што го потценува сопствениот народ, казна за тие што ги уценуваат, заплашуваат и малтретираат сопствените граѓани. Гласот за Стево Пендаровски ќе значи да се победи стравот, да се каже НЕ на притисоците, заканите и уцените и да се отфрли недемократскиот режим. Гласот за Стево Пендаровски ќе значи почеток на новото време, почеток на неопходните промени, почеток на една многу поубава, посреќна и попросперитетна Македонија. На чело со Претседател за сите нејзини граѓани, Претседател каков што навистина заслужува.“– заврши Тунтев.

WebOhrid