Пендаровски: Борбата не е завршена

Стево Пендаровски – кандидатот за претседател на Република Македонија од редовите на СДСМ, вечерва на прес-конференција истакна:

„На крајот од денешниот изборен ден сакам да кажам неколку работи.

Прво, сакам да искажам благодарност до сите граѓани кои денеска гласаа, до сите.

Понатаму, над 320 илјади гласови во корист на опозициониот кандидат според мене се храброст во овие услови и им честитам на сите кои гласаа денеска за опозицијата.

Бројот на гласови на кандидатот на власта, по мое длабоко уверување не е резултат на неговите квалитети, ниту пак на успесите на политичката структура која го поддржува.

Сакам да порачам дека борбата не е завршена. Ни претстои вториот круг, јас имам намера до последниот ден да се борам за концептот, идеите и вредностите во кои верувам.

Почитувани, уверен сум дека во вакви услови на систематски притисок и на систематски закани и уцени од досегашната структура на власт можеме да дојдеме до победа на 27-ми.

До сите оние кои денеска гласаа за мене и за нас и до сите оние кои денеска не излегоа на гласање од најразлични причини им порачувам една работа, немојте да паѓате со дух, борбата не е завршена.“ – изјави Пендаровски.