Првата аукција за продажба на имот на должник по електронски пат, согласно последните измени на Законот за стечај, се одржа вчера кога се продаваше недвижен имот на стечајниот должник Руен од Кочани. За имотот беше понудена сума од 1,5 милиони евра.
„До денеска има пристигнато уште три нови најави за продажба на имот во стечајна постапка, што значи дека системот за е-продажба во стечај е веќе оперативен и е во функција,“ изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски на денешната прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека преку оваа измена ќе се постигне поголема транспарентност во стечајните постапки при впаричување на имотот на должникот, како и побрза продажба на неговиот имот.
„Пред измените на Законот за стечај, постапките траеа неоправдано долго, немаше предвидени рокови за продажба, имаше неограничен број на огласи за продажба и случаи кога еден имот се огласуваше по 10 до 15 пати со иста цена што покажуваше дека стечајниот управник не сака да го продаде имотот. Воедно беа создавани и неоправдани трошоци кои се надмируваа од стечајната маса, а со тоа се намалуваше процентот на надмирување и имотот на должникот губеше од својата вредност,“ појасни Пешевски.
Тој додаде дека по стариот закон имаше три начини на продажба на стечаен имот, со наддавање, со прибирање на затворени понуди и со директна спогодба.
„Сега, со измените е воведен само еден начин, преку електронска аукција без почетна вредност, која е изоставена за доверителите да не ја намалуваат во случај на неуспешна продажба и на тој начин да се објавуваат повеќе огласи за иста стечајна маса,“ рече Пешевски.
Отсега, информира вицепремиерот Пешевски, продажбата е лимитирана на три обиди за продажба, а доколку потоа нема одлука имотот се распределува на доверителите во идеални делови и постапката се заклучува и нема повеќе имот за продажба.
„Важно е да се напомене дека предмет на електронска продажба ќе бидат и објекти кои се изградени пред отворањето на стечајната постапка, за кои нема утврдено правен статус поради што досега немаше интерес за продажба или нивната вредност беше ниска како објект без утврден правен статус. За нив е пропишана посебна постапка за утврдување на нивниот статус“, рече Пешевски.
Посебна новина, нагласи тој, е продажбата на правото на градба на објекти кои се недовршени поради стечај на инвеститорот.
„Оваа новина ќе ја зголеми стечајната маса, а со тоа и процентот на намирување на доверителите и повеќе нема да има објекти кои со години се недовршени и преставуваат грда слика. Досега се поднесени 164 барања за утврдување направен статус на објекти во стечајна маса кои се однесуваат на 1.224 објекти“, истакна Пешевски.
Согласно измените на Законот за стечај, инфромира вицепремиерот, досега се затворени 18 постапки за 330 стечајни постапки кои се почнати во деведесеттите години од минатиот век.
Како што информира директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески до овој момент се уште до Катастарот нема пристигнато барање од страна на стечаен судија за продажба на правото на градба.
„Стечајниот судија е надлежен за да упати такво барање до Катастарот. По упатувањето на барањето Катастарот ќе излезе на лице место, ќе изврши премер на објектот и ќе ги достави податоците до стечајниот судија, кој понатаму со решение ќе го префрли правото на градба, односно ќе го запише во Катастарот и ќе се добие лист за предбележување на градба кој ќе биде предмет на продажба на електронска аукција. Тој што ќе има најдобра понуда на електронската аукција ќе има право да го догради објектот и да го запише во Катастарот,“ појасни Трпески.