Претседателот на Социјаледемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев на денешната прес – конференција рече дека, како што ветил, до крај ќе го разобличат кој е главниот креатор на криминалите во Република Македонија. Тој дирекно го праша премиерот Никола Груевски дали од познат бизнисмен зел 1,5 милиони евра.
„Објавувавме во изминатиот период многу финансиски афери за кои институциите молчат и непостапуваат. Чекаат македонската јавност да заборави, додека институциите наводно работеле. Сите тие афери водеа кон врвот на власта, кон најблиските луѓе на Груевски, но пропагандната машинерија секогаш успеваше да го држи Никола Груевски надвор од приказните. Не знаел! Не бил вмешан! Тој е чесниот! Тој е невин! Зад грб му работеле! Еве денеска го отворам најголемиот предизвик пред институциите во државата. Им давам ексклузивна можност да докажат дека Македонија е правна држава и дека законите важат и за Никола Груевски, како што важат за останатите граѓани. Сѐ почнува од криминалниот модел што го воспоставил Никола Груевски и оттогаш наваму се шири тој за него успешен модел, кој денес финансиски ја клекна на колена Република Македонија. Овој модел денес контролира сѐ во државата.“ – истакна Заев.
Заев го повика Груевски лично да одговори дали како претседател на ВМРО-ДПМНЕ земал пари во кеш во износ од 1.500.000 евра или повеќе од 92.000.000 денари, дали како македонски патриот, овие пари, 1.500.000 евра или 92.000.000 денари, ги земал од познат бизнисмен.
„Дали, Никола Груевски, тебе ти е државата пред сѐ? Ако ти е пред сѐ, зошто си ја оштетил државата 225.000 евра, четврт милион евра, или повеќе од 14.000.000 денари за неплатен данок, дали си ти прататкото на оф-шор мрежите, оф-шор компаниите преку кои се изнесува капиталот на македонските граѓани, а се внесува како капитал на фамилијата? Дали со овие пари купуваш гласови? “– рече Заев и додаде:
„Никола Груевски, бидејќи си мераклија на граѓаните и на државната администрација да им држиш предавања по етика, еве ти можност да им ја одржиш најважната лекција. Лекцијата по искреност. Биди искрен со македонската јавност, излези на прес-конференција и кажи си што ти ја мачи совеста, ако воопшто ја имаш. Кажи го тоа поради кое твои блиски соработници не спијат веќе долго време. Никола Груевски, ќе кажеш ти за 1.500.000 евра или да кажеме ние?“-рече Заев.