Кузески: Обидот на ДПМНЕ се‘ уште да игра на картата–кратко памтење на народот–веќе не пали

Во просториите на ОО на СДСМ Охрид денес се одржа прес конференција, на која зборуваше портпаролот, Александар Кузески.

„Обидот на ДПМНЕ се‘ уште да игра на картата – кратко памтење на народот – веќе не пали. Ги научи народот нивните провидни обиди да глумат спасители и градители, да си се фалат самите со скапите реклами платени со парите од народот, а всушност ништо да не прават за тој ист народ и само да ја дефокусираат јавноста од нивната катастрофална економска политика. Охриѓани тоа најдобро го знаат и го чувствуваат секој ден. Тоа посебно го почувствуваа пациентите од Охрид, кои цели три години, исклучиво по вина на одговорните лица од ДПМНЕ, останаа без основните болнички услуги во секундарната здравствена заштита. Цели три години граѓаните од Охрид доживуваа вистинска голгота, кога беа принудени да ги посетуваат гинекологија, хирургија, анестезија, урологија и другите одделенија во струшката болница. Цели три години, статистички, Охрид остана без ниту едно новородено дете. Цели три години охриѓани мака мачеа да дојдат до какви-такви здравствени услуги, какви што им се загарантирани со уставот и со законите на оваа држава. Но, за ДПМНЕ беа поважни провизиите за изградба на новата болница и ангажманот на нивните партиски фирми, отколку здравјето на охриѓани.“- 0бвини Кузески.

Кузески рече дека реконструкцијата на старото крило од охридската болница започна во октомври 2010 година и активностите требало да финишираат кон средината на 2011 година. Но, како што кажа наместо ветеното, охриѓани останале повеќе од три години без болница.

„Објект, што во нормални услови се гради и целосно се опремува за половина година во градежна сезона, надлежните институции и луѓе на ДПМНЕ го градеа цели три години. Поради наводни нестручно изведени градежни зафати од страна на првобитно избраната бугарска градежна фирма, работите беа стопирани, договорот поништен и работата и беше доделена на друга фирма – ВИА од Вевчани. За вкупна површина од 5.300 метри квадратни, ВИА го доби тендерот за 194 милиони денари, или 3,2 милиони евра. Тоа значи дека цената за еден метар квадратен, само градежни работи при реконструкција, изнесува околу 600 евра. Денес, во вакви економски услови, при постоечките цени на недвижностите, во Охрид многу лесно можете да купите стан по цена од 600 евра за квадрат. И тоа, во таа цена што ќе ја платите за станот, се пресметани и цената на земјиштето и комуналиите, кои болницата не ги платила, затоа што е јавен објект, од посебно значење. На оваа сума треба да се додадат и исплатените 400 илјади евра на претходните изведувачи на работите и најмалку уште 100 илјади евра од сиот останат отпад и старо железо што си ги зеде оваа фирма. Згора на тоа, вкупната инвестиција, како што тогаш известија сите медиуми, чинела 260 милиони денари, или 4,2 милиони евра. Тоа значи дека во опрема за болницата би требало да се инвестирани 1 милион евра, а таква опрема никој не виде. Меѓутоа, да е трагедијата уште поголема, пред 10 дена кандидатите за пратеници од ДПМНЕ, а воедно и менаџери на болницата, со невидена ароганција и леснотија изјавија пред медиумите дека за реконструираната болница целиот проект чинел 7 милиони евра?! Нека и‘ објаснат сега на јавноста одговорните лица во охридската болница – што е тоа што е направено и која е таа опрема што е набавена за 3,8 милиони евра?! Каде се наоѓа таа опрема?! Кој и како ја користи таа опрема?! Во чии џебови завршија парите од народот?! Дали некој ќе понесе одговорност за тоа?До кога здравствените работници – лекарите и останатиот медицински персонал, кои многу стручно и совесно секојдневно си ја вршат својата работа и професионален ангажман, до кога ќе бидат маргинализирани и ставани во втор план од страна на неспособниот менаџмент на охридската општа болница?! До кога персоналните стручни способости и трудот на медицинскиот персонал во охридската општа болница ќе бидат игнорирани, злоупотребувани и користени исклучиво за лична партиска и политичка промоција на неколку лекари – партиски активисти на ДПМНЕ?! До кога пациентите и здравствените работници во Охрид ќе страдаат само поради политичките амбиции на неколку лекари, кои никако не и’ даваат одговори на јавноста за лесно потрошените народни пари во охридската општа болница?! Па нели се експерти за отчети – кога ќе дадат отчет за потрошените 7 милиони евра народни пари?!“- заврши Кузески.

WebOhrid