ОО на СДСМ Охрид денес испрати реакција во врска до вчерашната прес конференција на ОК на ВМРО ДПМНЕ, на која зборуваше директорката на ЈОУД „Јасна Ристеска“, Роза Костеска. Во реакцијата стои:
„До каде може да оди човечката безличност и газењето врз сопственото човечко достоинство покажа вчерашната изјава на актуелната директорка на детската градинка, Роза Костеска. Невистините и личните дискредитации, што пристигнуваа до сега на сметка на претседателот на ОО на СДСМ Охрид од страна на Центарот за лаги и манипулации на ДПМНЕ, се обидовме да ги сфатиме како дел од политичката борба во екот на изборната кампања, во недостиг на квалитет во сопствените партиски кадри. Но, вчерашната изјава на директорката на градинката е доказ за тоа колку ниско можат да паднат пионите и марионетите на власта, водени од ниски страсти и високи амбиции.
Како поинаку да се протолкува во најмала рака смешната конструкција на директорката Костеска, која вината за состојбите во градинките ја најде, ни помалку, ни повеќе, во поранешниот заменик на градоначалникот. Барем малку да имаше било какви познавања за ингеренциите на градоначалникот и на советниците, Костеска немаше да се осмели да изјави таква бесмислица и небулоза. За да е трагедијата уште поголема, таквите квалификации дојдоа од жената, која со години наназад беше втор човек во градинката, најблизок соработник на поранешната директорка и еден од најсериозните кандидати за директор на градинката во време на локалната власт на СДСМ. Костеска насекаде, каде што ќе стигнеше, отворено го истакнуваше своето големо пријателство со пратеникот од редовите на СДСМ од Охрид, а за директорка на градинката беше предложена како кадар од СДСМ лично од претходниот прв човек на охридските социјалдемократи. Но, тогаш за среќа, конкурсот беше стопиран од страна на образовниот инспекторат, кој утврди пропусти во легаслативата, така што желбата на Костеска, тогаш да стане директор, пропадна. Но затоа Костеска, надевајќи се дека сепак партиски ќе го заслужи првото столче во градинката, редовно беше присутна и активна на сите собири, митинзи и трибини од СДСМ, не само во Охрид, туку и по другите градови.
Се поставува прашањето – каде беше Костеска во изминатите 8 години да алармира, за како што вели таа „катастрофалните состојби во градинките“?! Или можеби тогаш се надеваше дека СДСМ ќе ја постави за директорка, па мудро си молчеше. Повеќе од очигледно е дека сега, кога конечно успеа да стане директорка со помош на ДПМНЕ, ги сменила политичките бои, па мора да го изјавува она што ќе и го дадат напишано, без да размисли со сопствената глава дали тоа што го кажува е вистина или лага. Па ако во нешто несомнено вложуваше и инвестираше поранешната локална власт на СДСМ, тоа беше токму во воспитно-образовните установи во општината, односно во сферата на образованието и социјалната заштита. Нови занимални, реконструкција на објектите, нови дограми, подови и кровови, нови дворови, дневен престој, инвентивни проекти со децата, новини во здравата исхрана, нови играчки и реквизити – сето тоа беа проекти реализирани од страна на поранешната локална власт во сите градинки во општината.
И сега Костеска, која долги години беше втор човек во градинката и која беше кандидат за директорка од редовите на СДСМ, се дрзна во екот на изборната кампања да лаже и да го напаѓа кандидатот за пратеник од СДСМ, за да ја прикрие сопствената неспособност, несовесност и нечесност. Тоа не може да го направи човек со карактер, со морал и со чувство за професионална одговорност. Тоа е онаа иста директорка, која од говорницата во општинскиот совет зборуваше за коњите и магарињата во дворот на детската градинка во Велгошти. Сега целата охридска јавност всушност сфати дека поранешниот градоначалник бил потполно во право кога не дозволил таква личност да стане директор на една таква чувствителна и значајна претшколска установа, каква што е детската градинка. Но ете, затоа сегашниот градоначалник и ДПМНЕ тоа го направија, за да можат да ја злоупотребуваат нејзината наивност, безидејност и болна амбиција. Се прашуваме – до каде може да оди човечката глупост и мизерија, поттикнати од бескрупулозната и непрофесионална режимска политичка кампања на ДПМНЕ од Охрид?!“- стои во реакцијата на ОО на СДСМ Охрид.