СДСМ: Од што се плашат во ДПМНЕ да излезат на соочување пред охридската јавност

Во врска со денешната прес конференција на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, на која зборуваше претседателот на УМС на ВМРО- ДПМНЕ, Сашо Донев, реакција испрати ОО на СДСМ Охрид, во која стои:

„Според онаа народната „Ред се редат редум сејмени мамо“, од Центарот за лаги и манипулации во ДПМНЕ од Охрид секојдневно се појавуваат нови „експерти“, кои безочно ја лажат охридската јавност. Спротивно на сите законски прописи, директори на општинските јавни претпријатија, на здравствените и образовните институции ја злоупотребуваат својата службена положба и во работно време, во името на партијата на власт, шират невистини и манипулации во партиски цели. Но, непочитувањето и кршењето на законските прописи веќе стана секојдневна пракса на партиските и општествените функционери од редовите на ДПМНЕ. Во екот на изборната кампања, наместо да си ги исполнуваат со закон и со статут дефинираните работни задачи и обврски, директорите од редовите на ДПМНЕ слепо и послушно ја одигруваат улогата на пиони и марионети на власта. Притоа, се обидуваат да ја искористат Гебелсовата максима – дека сто пати изречената лага на крајот станува вистина. Мораме да ги разочараме творците и авторите на лагите и манипулациите од ДПМНЕ од Охрид, затоа што вистината овојпат се наоѓа на страната на поквалитетните кандидати за пратеници, на страната на кандидатите од СДСМ, а таа вистина ја знаат охриѓани. Да е трагедијата уште поголема, таа вистина ја знаат и вистинските, чесни и посветени членови на ДПМНЕ од Охрид, кои никако не можат да се помират со извршениот избор на кандидатите за пратеници од нивните редови. Но, како и да е, кукавичките настапи на партиските и општествените функционери од ДПМНЕ од Охрид, криејќи се зад партиската говорница, продолжуваат секојдневно, со несмалено темпо.

Не ни е јасно како барем еден од сите нив, почнувајќи од градоначалникот, преку претседателот на ОК на ДПМНЕ, пратениците, советниците, директорите, портпаролите или било кој што се чувствува кадар, не смогна храброст, смелост и одважност да се појави на ТВ или радио дуел со нашиот кандидат за пратеник, кој е предмет на нивните неосновани критики и лични дисквалификации. Се прашуваме – од што се плашат во ДПМНЕ да излезат на соочување пред охридската јавност?! Одговорот е јасен – се плашат од вистината. Од вистината за законските ингеренции на градоначалникот наспроти законските ингеренции на советниците, односно на советникот кој е со решение одреден да го заменува градоначалникот. Но, и покрај тоа, охридската јавност треба да знае дека советникот, што е со решение одреден да го заменува градоначалникот, тоа право го има само и исклучиво во случаи кога градоначалникот не е во состојба да ја извршува својата функција. Ова е законска одредба и секакво поинакво тумачење на правата и должностите на заменик градоначалникот се само замена на тези и тенденциозно искривување на вистината. Но, вистината за ДПМНЕ боли и пече – тие не можат да се соочат со неа, не се кадри да се соочат со кандидати за пратеници од СДСМ, не се кадри ниту да ги почитуваат и применуваат основните критериуми на културно, професионално и колегијално однесување. Единствено се кадри да ја префрлаат вината врз друг за својата сопствена немоќ, неспособност и нестручност да се справат со проблемите на граѓаните.

Цела година помина, а за целосното промашување на сите полиња во локалниот развој на општината од ДПМНЕ се‘ уште вината ја префрлаат врз другите. Очигледно е дека стравот кај ДПМНЕ преминал во параноја, па затоа не се бираат ниту начини, ниту зборови, за да се оцрни, сатанизира и дискредитира политичкиот противник. А за младиот и неискусниот Сашо Донев, кој само што стана советник, веднаш ги покажа своите директорски амбиции, што да се каже – за него беше прекршен законот и востановената практика, па советничкото мнозинство на ДПМНЕ изгласа измени во статутот на ЈП Нискоградба, го укина критериумот за минимален работен стаж на директорот од 5 години, само за да може Донев по секоја цена да стане „голем“ директор. Сега очигледно, како партиски директор, треба да си одработи „чесно и поштено“ за ДПМНЕ, ширејќи невистини и манипулации за луѓе, чии дела, квалитети и вредности за Охрид и за охриѓани биле докажани уште кога тој одел во градинка. Но, ништо друго не може ни да се очекува од такви луѓе како него.“– стои во реакцијата на ОО на СДСМ Охрид.