ОО на СДСМ Охрид денес одржа прес конференција, на која зборуваше портпаролот на СДСМ, Александар Кузески.
Кузески на прес средбата со потсетување кон одговорните лица во ВМРО- ДПМНЕ, посебно одговорните во охридската општа болница, излезе со неколку документирани факти, за кои како што рече ќе ги покажат нивните лаги и манипулации.
„Како што објаснивме вчера, ДПМНЕ се’ уште се обидува да игра на картата – народот кратко памети и брзо заборава. Охриѓани цели три години, од 2010 до 2013 година, исклучиво по вина на одговорните лица од ДПМНЕ, останаа без основните болнички услуги во секундарната здравствена заштита. Цели три години пациентите доживуваа вистинска голгота, кога беа принудени да ги посетуваат гинекологија, хирургија, анестезија, урологија и другите одделенија во струшката болница. На почетокот на 2011 година, непосредно пред вонредните парламентарни избори, одговорните во болницата се пофалија дека купиле најсуфистициран 4Д ултразвучен апарат за ран скрининг на плодот, уште од третата недела (види испечатен прилог бр.1). Нека и’ објасни сега на јавноста менаџментот на охридската болница кој гинеколог е сертифициран за таков ран скрининг на плодот и каде се вршат таквите прегледи?! Во исто време, беше јавно ветена и најавена набавка на современ дигитален апарат за мамографија, за, како што изјави тогаш портпаролот на болницата Сашо Василески, „пациентите да не бидат приморани да одат во Вевчани за такви здравствени услуги“. Но, како што е вообичаено со одговорните лица од ДПМНЕ, и тоа остана само уште едно празно предизборно ветување и невистина – жените од Охрид и ден денес сеуште одат на преглед во Вевчани.Кон средината на септември минатата година истиот тој менаџмент на охридската општа болница изјави дека е направена првата лапароскопија во Охрид.“– рече Кузески.
Од СДСМ прашуваат колку лапароскопии се направени оттогаш во Охрид, а, колку за споредба, колку се направени на Хирургија во струшката општа болница.
„Истовремено, помпезно беше најавено започнувањето на интервентна гастроскопија. Притоа, во изјавата на портпаролот на охридската општа болница Василески дадена за медиумите, дословно стоеше следното: „Следниот месец почнуваме со интервентна гастроскопија, така да пациентите со дигестивни проблеми нема да има потреба да одат во Скопје… веќе постигнавме договор со Клинички центар во Скопје… во првите неколку месеци да доаѓаат визитинг професори…“ (види испечатен прилог бр.2). Прашуваме – како е можно да биде постигнат договор со непостоечка институција – Клинички центар во Скопје не постои веќе неколку години. Следно прашање – дали до сега е направена дијагностичка гастроскопија во општата болница во Охрид, а да не зборуваме за интервентна?“– истакна Кузески.
Кузески обвини дека тоа било само уште една манипулација со јавноста. Како што кажа Кузески, експертите знаат дека ендоскопските процедури во државното задравство се прават исклучиво на Клиниката за гастеро-ентеро-хепатологија во Скопје и никаде на друго место, односно покрај уште во уште една приватна здравствена установа во Скопје.
„И повторно пред избори, на почетокот на февруари минатата година, истите тие луѓе од менаџментот на охридската болница, со идентичните предизборни ветувања, како и една година пред тоа – за компјутерската томографија, за гастгроскопијата, за кадровската (не)екипираност, за мамографијата. Василески за медиумите ќе изјави: „Идните планови се набавка на дигитален мамограф, за заштита на жената од карцином на дојката“ (види испечатен прилог бр. 3). И повторно, многу логично прашање до најодговорните лица во охридската општа болница – до кога ќе го ветувате новиот дигителен мамограф и дали со истата изјава, како и претходните две години со ред, ќе излезете можеби и по трет пат деновиве, пред овие избори сега?! И кога конечно, веќе еднаш, ќе го добиете долго најавуваниот мамограф?! Дали конечно веќе еднаш, кога ќе завршат изборите, ќе престанете со манипулации и лажни ветувања за охридската јавност?!“- заврши Кузески.
WebOhrid