Настоски: ГРОМ настојува на креирање работни места, поголем опфат на сите категории граѓани и зголемување на просечната плата

Доколку реално погледнеме на сликата на нашиот град, но и пошироко, мора да признаеме дека во мноштвото проблеми со кои се соочуваме секојдневно, решението на само едно чувствително прашање може да промени многу и да го поправи впечатокот. А тоа е вработување, вработување и само вработување, рече на денешната прес конференицја носителот на листата за пратници за Коалицијата ГРОМ во 5-тата ИЕ, Љупчо Настоски додаде дека токму затоа ГРОМ настојува на креирање работни места, поголем опфат на сите категории граѓани и зголемување на просечната плата.

„Најголем приоритет ќе им  дадеме на младите кадри и тоа преку: Усогласување на системите за образование и обука со потребите на пазарот на трудот, Подобрување на услугите на Агенцијата за вработување, Подготовка за влез на пазарот на трудот, Советување за кариерата за младите луѓе во раните фази на образованието, Одредување минимална плата за млади од 15-16.000 денари, Субвенции од 20%на платата за вработени високообразовани кадри.“– истакна Настоски.

Во мерките за олеснување на влезот на пазарот на трудот како што нагласи Настоски, од ГРОМ предвидуваат практиканство, обезбедување на услуги за вработување на целата територија на Македонија и поддршка за вработување на млади луѓе до 30 години. 

„ГРОМ ќе се фокусира и на долгорочно невработените и повозрасни граѓани. За нивна поддршка потребни се: Преквалификација и доквалификација, отворање на јавни работи, Доживотно учење и стекнување нови вештини, Воведување даночни олеснувања за вработување на повозрасни лица, Олеснување на преминот од работа во пензија, Елиминирање на формите на дискриминација според возраста.“– рече Настоски.

Вработувањето е еден од клучните проблеми кои ГРОМ смета дека треба да се решат без никакво одложување.  Но вработувањето ќе зависи и од низа други мерки и проекти кои Граѓанската опција за Македонија ги предвиде за реализација  во својата изборна програма, додаде Натоски.

„Според анкетите кои ги спроведовме направивме листа на проекти кои недостигаат, а се од неизмерна важност за нашиот град: Искористување на туристичкиот потенцијал преку проекти за финансирање од ЕУ програмите, Привлекување странски ланци на хотели, Изградба на аква парк, Изградба на ски-центар на Галичиц,  Проекти за развој на селскиот туризам, Изградба на современи едукативни центри, Обнова на киноцентарот, Изградба на марината,  Изградба на современ трговски центар, Изградба на пензионерски дом, Изградба на затворен базен.“- посочи Настоски.

Од ГРОМ сметаат и тврдат дека спроведувањето на овие проекти е клучот за раздвижување на охридската економија и отварање можности за вработување на сите категории на граѓани.

„И не застануваме тука. Нашите екипи постојано и неуморно работат на терен и се трудат на граѓаните да им ја претстават и образложат  изборната програма на Граѓанската опција за Македонија за периодот од 2014 до 2018 година, а во исто време настојуваат да го слушнат мислењето на секој сограѓанин за заедно да можеме да издејствуваме подобра иднина и поквалитетен живот за нас и идните поколенија во овој наш, убав град.“– заврши Настоски.

WebOhrid