Болстром: Мерките што ги презема Македонија за лажните азиланти вродуваат со плод

Кога ќе се споредат годинашниве бројки по однос на лажните баратели на азил со оние од минатата година разликата е исклучително позитивна, што значи дека мерките што ги преземаат македонската Влада и институции, пред се Министерството за внатрешни работи вродуваат со плод.

Ова, меѓу другото, го истакна министерот за миграции и политика на азил на Кралството Шведска, Тобиас Билстром на вчерашната средба со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во МВР.

На средбата на која се разговараше за повеќе прашања од взаемен интерес, министерот Билстром нагласи дека иако во почетокот бил евидентен проблемот со лажните азиланти, сега по низата преземени мерки, доследното почитување на договореното меѓу двете страна, како и со функционирањето на системот на реадмисија состојбите одат во одлична насока.

Билстром потенцираше дека Кралството Шведска е долгогодишен партнер и поддржувач на Република Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ пришто генерален став на Шведска е дека не треба да се одложува влезот во Унијата за земјите кандидати и нивните постигнувања треба индивидуално да се ценат, што подразбира индивидуално напредување кон полноправно членство. Наедно, тој изрази поддршка и по однос на спорот со името што според него не треба да биде пречка за зачленување на Македонија во Европската Унија.

Взаемно констатирајќи дека меѓу Македонија и Шведска нема отворени прашања, министерката Јанкулоска досегашната соработка ја оцени како исклучително добра. Притоа, нагласи дека комуникацијата со шведското Министерство за азил и мигарции е секогаш отворена, и дека МВР ќе продолжи да работи во таа насока.

Истовремено, министерката Јанкулоска потенцираше дека и нам овде во Република Македонија многу добро ни е познат притисокот со илегалната миграција, особено заради проблемите што ги имаме со миграцијата од нашата јужна граница.