Младински Совет Охрид, во соработка со Центарот за култура ,,Григор Прличев,, и локалната самоуправа, а како дел од соработката на Охрид и Каен организираше концерт на BAROUF орхестар, составен од студенти од Конзерваториумот од Каен, Долна Нормандија. На концертот беа отсвирени балкански народни песни, кои орхестарот ги свири и во Франција, со цел да се промовира ваквиот вид на музика, како и да поттикнува културна размена. Исто така на концертот беа отсвирени и неколку авторски композиции на Емануел Еро кој ја води групата, а воедно инспириран од балканската музика, напишал повеќе оригинални композиции.
Концертот со воодушевување беше проследен од публиката, која во повеќе наврати со аплаузи го награди орхестарот.
Концертот го отвори, а воедно и ги поздрави членовите на орхестарот и присутните, Гордана Коњаноска, Претседател на Советот на општина Охрид.
Покрај концертот, гостите од Каен имаа прилика да ги посетат најзначајните културно историски споменици во Охрид, да се прошетаат со кајче низ Охридското езеро, како и да ја пробаат традиционалната македонска храна.