Во основните и средните училишта од денеска до 10-ти јуни ќе се спроведува екстерното тестирање на учениците. Првиот ден од екстерното полагање во ОУ „Христо Узунов“, започна на време, без никакви проблеми, односно се беше во најдобар ред, истакна за WebOhrid, директорот Тони Симоновски.
„Денеска е првиот ден од екстерното полагање. Поминаа групите за тестирање, имавме во 9 и 30 часот, во 11 и 30, 12 и 30 и последната беше во 14 часот. Учениците полагаа по сите предмети. Денес имавме по француски јазик, историја, македонски и уште некои други предмети.Имавме луѓе од државен испитен центар,тестаторите си беа на своите места, така да се се одвиваше во најдобар ред, без никакви проблеми.“ – изјави Симоновски.
И во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, првиот ден од екстерното тестирање на учениците започна во најдобар ред, без никакви проблеми, вели за WebOhrid, директорот Јане Цаноски.
„Денеска екстерно беа проверени 184 ученици во два термини. Се се одвива според планираното, технички нема никакви проблеми, се е во ред со интернетот и софтверот, така што учениците непречено одговараа на прашањата.“ – рече Цаноски.
Инаку, ширум земјава, со екстерното тестирање ќе бидат опфатени вкупно 189.037 ученици од четврто одделение во основно образование до трета година во средно образование, како и 18.126 наставници во 680 основни и средни училишта. Тестирањето ќе го следат 638 набљудувачи, а ќе бидат ангажирани и 175 администратори. Активни ќе бидат и инспекторите на Државниот просветен инспекторат, а отворени ќе бидат и кол центрите на Државниот испитен центар.
WebOhrid