Од Министерството за култура, информираат дека капиталната инвестиција на Владата на РМ и на Министерството за култура, Музејот на вода во Градиште, е добитник на највисокиот сертификат за успешност што го доделува светски познатиот веб-портал „Трипадвајзор“ (Tripadvisor), еден од најголемите и најпосетувани туристички веб-портали, воедено и организација која ги обединува најпознатите светски туристички брендови.
Музејот на вода, кој е единствен од ваков вид на Балканот, претставува реконструкција на живеалиште од железното и бронзеното време. Комплексот содржи комплетно уредени 24 праисториски куќички, две обновени плажи, театарски простор со сцена за изведба на камерни претстави, 11 нови бунгалови на парковно уредените простори и пристаниште.
Фактите говорат дека во текот на изминатите шест години реконструираната наколна населба на Музејот на вода стана возбудлива културна и туристичка дестинација посетувана од илјадници домашни и странски туристи. Од отворањето во 2008 година, Музејот на вода во Охрид го посетиле повеќе од 200.000 посетители од многу земји во светот, бројка која јасно ги покажува одржливоста и економската и туристичка оправданост на овој импозантен проект со кој Охрид и Република Македонија ја збогатија својата културна понуда.