Организирана 10 члена група успеале “онлајн“ да украдат 95.609 долари и 99.000 евра

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика – Одделение за истраги за компјутерски криминал при МВР по претходно спроведена истрага, ја реализираше оперативната акција “Компас“ во којашто е разбиена десетчлена организирана криминална група инволвирана во вршење на криминални активности поврзани со изработка на лажни веб страници – фишинг и кражба на податоци од платежни картички и банкарски податоци со цел вршење на нелегални трансакции. Притоа, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е поднесена кривична пријава против десет лица за сторени кривични дела „Злосторничко здружување„ по чл.394 ст.1, и „Изработка и употреба на лажна платежна картичка“ по чл.274-б ст.3 в.в ст.1 и ст.2 од Кривичниот Законик.

Организираната криминална група е составена од десет македонски државјанин од кои Р.П. (32) од Прилеп, З.М. (28) од Штип, П.П. (30) од Прилеп, се организатори на криминалната група, а  Д.Г. (32), Б.П. (28), Г.К. (33) сите од Прилеп, како и М.Т. (21), И.Т. (27), Ј.Р. (26) и С.П. (32), сите од Скопје, се членови на криминалната група. При реализацијата на случајот беа извршени претреси на вкупно седум локации (три во Скопје, три во Прилеп и една во Штип), на коишто живееле/престојувале членовите на организираната група.

Во рамки на спроведените мерки и активности од страна на МВР обезбедени се девет осомничени лица, при што за првопријавениот Р.П. и третопријавениот П.П. како и шестопријавениот Г.К. им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. Второпријавениот З.М. не е достапен на органите на МВР, и за него е распишана потерница.

Од преземените мерки и активности утврдено е дека членовите на организираната криминална група делувале на начин што прво и второпријавениот прибавувале банкарски податоци од вистински платежни картички и податоци за носители на тие платежни картички. Податоците ги прибирале изработувајќи лажни веб страници – фишинг (веб страници кои се визуелно  идентична копија на оригиналната и истите имаат полиња за оставање на банкарски податоци од страна на корисниците, но веб страната е лажна и тие банкарски податоци ги добива лицето кое што ја поставило таа фишинг страна).

Вака изработените лажни веб страни (фишинг страни) ги поставувале на веб сервери во странство и линковите до истите со помош на спам пораки (е-маил пораки кои што го содржат линкот до фишинг страната и кои што се испраќаат на таргетна група на корисници кои што се претпоставува дека ги користат услугите од оригиналната веб страна), каде што како дел од спам пораката, која што обично е реклама за некоја нова услуга, го ставаат и линкот до лажната ВЕБ страница, и така подготвените спам пораки во вид на меилови ги препраќаат до таргетната група на лица. Откако овие оштетените ќе ја отвореле лажната ВЕБ страница, без да приметат дека не е оригинална, ги вметнуваат своите кориснички имиња и пасворди за пристап, и овие податоци автоматски се зачувуваат на документ поставен на интернет за таа цел, а до кој што пристап имаат членовите на криминалната група.

Понатаму вака прибавените банкарски податоци членовите на криминалната група ги користеле за неовластено префрлање на готови парични средства од сметки на странски физички лица на лица во Р.Македонија преку различни сервиси за брз трансфер на пари (Western Union и Moneygram). Имено користејќи ги украдените податоци од платежни картички, преку ВЕБ страната на Western Union, преку која е возможно да се испраќаат пари онлајн, ги искористувале тие податоци и од нив префрлале пари на свое име или на име на членовите од групата како и на другите лица задолжени за примање на нелегалните парични средства, кои пак парите ги подигале лично на шалтерите на сервисите за брз трансфер на пари како и во банките кои ги нудат услугите за брз трансфер на пари, во прво време во РМ, а подоцна и во Р.Косово.

Што се однесува пак до украдените банкарски податоци, истите ги користеле така што се најавувале на ВЕБ страните на банките каде што уботребувајќи ги украдените податоци, и преку системот за онлајн трансакции си префрлале пари на свое име или на име на членовите од групата како и на другите лица задолжени за примање на нелегалните парични средства. Притоа, најчесто се краделе податоци од клиенти на банки кои потекнуваат од Канада. На овој начин организираната криминална група се стекнала со имотна корист од 95.609 американски долари и 99.000 евра.

Врз основа на судски наредби беа извршени претреси во домовите на членовите на криминалната група при што е пронајдена и одземена компјутерска опрема, лап топови, куќишта од персонални компјутери, надворешни хард дискови, usb-ња, повеќе мобилни телефони и  сим картички.  Одземените предмети ќе бидат доставени до Одделението за дигитална форензика со цел нивно вештачење. Во домот на првопријавениот Р.П пронајден е еден гасен пиштол и десет гасни куршуми кои истиот ги поседувал без дозвола. По завршувањето на постапката против истиот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Во домот на осмопријавениот И.Т. пронајдени се девет зипер кесички со непозната растителна материја зелена боја, која ќе биде доставена до ОКТ со цел вештачење  на истата. По завршувањето на постапката против истиот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Во домот на седмопријавениот М.Т. пронајдени се две зипер кесички со непозната растителна материја зелена боја и две рачно изработени цигари исполнети со непозната материја, кои ќе биде доставена до ОКТ со цел вештачење  на истите. По завршувањето на постапката против истиот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.