Градоначалникот Никола Бакрачески, присуствуваше на потпишувањето на договор за реемитување на програмата меѓу Македонската радио-телевизија(МРТ) и Бугарската национална телевизија (БНТ) што денес се реализираше во Охрид.
„Ми причинува задоволство што денеска сум со вас, на чинот на потпишувањето на договорот за реемитување на програми меѓу Македонската радио-телевизија и Бугарската национална телевизија. Особено сум почестен што сте одлучиле овој документ да го потпишете во Охрид, документ кој ќе допринесе за продлабочување на добрите и пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Радува фактот што овој настан е поддржан од Македонско- бугарската стопанска комора, која во изминатиов период покрена повеќе иницијативи за подобрување на бизнис соработката меѓу двете земји.
Според бизнисмените , најважен приоритет е изградбата на коридорот 8 и подобрувањето на постојаната инфраструктура, од која бенефит ќе има и Охрид, бидејќи туристите од Бугарија се едни од најбројните странски посетители.
Реемитувањето на програмата меѓу Македонската радио-телевизија и Бугарската национална телевизија преку кабелските оператори во двете земји, уверен сум дека ќе овозможи и поголема присутност на Охрид во медиумите и негова промоција како најразвиен туристички и културен центар во Република Македонија и пошироко во регионот. Исто така, уверен сум дека тој пат ќе го следат и другите медиуми по примерот на државните новински агенции МИА и БТА, чии директори се присутни на оваа средба.
На крајот , дозволете да Ви посакам топло добредојде во Охрид и успешна работа и плодна дискусија за можностите и модалитетите за програмска соработка меѓу Македонската радио-телевизија и Бугарската национална телевизија“, рече во своето обраќање градоначалникот Бакрачески.
Потпишувањето на договорот за реемитување на програмите меѓу националните телевизии е историски чин имајќи го во предвид фактот што Македонската радио-телевизија во повеќе наврати заедно со Агенцијата за медиуми од Македонија се убедуваше и пројавуваше иницијатива заедно со Бугарската национална телевизија и нивната агенција во Република Бугарија да се склучи меѓусебен договор за заедничка соработка.
Имено овој договор подразбира реемитување на сателитските канали на двете телевизии во границите на Република Бугарија и на територијата на Република Македонија што е еден чекор напред за продлабочена соработка помеѓу двата јавни сервиси во регионот, имајќи го во предвид фактот што македонските и бугарските медиуми за разлика од другите медиуми на Балканот имаа една дистанца во еден голем временски период. Се надеваме дека ова потпишување на договорот ќе доведе до продлабочување на соработката и во повеќе сегменти од тоа што подразбира една меѓусебна соработка на два јавни сервиси, особено меѓу размена на архивите, склучување на копродукции по однос на играна, научна , образовна програма како и отворање на дописни центри во иднина, истакна главниот и одговорен уредник на првиот програмски сервис на МРТ, Диме Ратајкоски.
Настанот е поддржан од Македонско- бугарската стопанска комора, агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Република Македонија и советот за Електронски медиуми на Република Бугарија.
„Гестот со кој менаџментите на овие јавни сервиси се согласија бесплатно да ги отстапат правата за реемитување на нивните програми е значаен чекор во низата што се дел од добронамерните идеи и активности за јакнење на пријателството меѓу нашите граѓани,“ потенцира претседателот на Македонско- бугарската стопанска комора Зоре Темелковски.
Договорот за реемитување на програмата меѓу МРТ и БНТ го потпишаа извршниот директор на МРТ, Маријан Цветковски и генералниот директор на БНТ Вера Анкова.