Свечено отворено 13-то издание на фестивалот „Канеофест“ 2014

На летната сцена „Долни Сарај“, синоќа свечено беше отворено тринаесетото издание на фестивалот „КАНЕОФЕСТ 2014“, што го организира ТВ Морис, со поддршка на општина Охрид и бројни помагатели. На свеченото отворање, заменик- градоначалникот Ангел Јанев на учесниците им посака успешни фестивалски денови и многу хитови.

„Ќе се согласите со мене, традиција, достојна за почит, за гордост, како на организаторите така и на сите нас, гордост на овој волшебен Охрид … Заеднички, посакуваме, со песната на овие млади луѓе,  и ова фестивалско издание на КАНЕОФЕСТ, да ја остави трагата која ја оставаше и досега во нашата музичка и културна историја“, рече Ангел Јанев.

На првата фестивалска фолк вечер беа изведени дваесет нови композиции, а во ревијалниот дел настапија Јордан Митев и КУД „Младост“ од Кичево. Вечерва ќе биде посветена на  поп- музиката и ревијален  настап на неколку познати имиња од македонската естрада, како Тајзи, Влатко Илевски, Дарко Илиески, Боби Мојсоски, Климент Стојаноски, Денис Мурат и Симона Поповска.