Во насока на заштита на правата и интересите на децата и во интерес на продолжување на активностите и веќе воспоставената соработката со УНИЦЕФ, беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда и УНИЦЕФ. Целта на овие простории е децата да се чувствуваат попријатно во моментот кога стручните служби работат со нив притоа штитејќи ги интересите и правата на оваа категорија на лица. Ова меѓу другото, го истакна министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска на денешното предавање во употреба на просториите за водење разговор со деца кои по било кој основ доаѓаат во судир со законот во ПС Гостивар, а кои што се резултат на заедничкиот проект на МВР, УНИЦЕФ, амбасадата на Кралството Холандија во нашата земја.
Како што потенцираше Јанкулоска врз основ на потпишаниот Меморандум за соработка МВР веќе отпочна со реализација на акцискиот план, пришто реализирани се две дводневни специјализирани работилници за инспектори кои работат со деца, а наредниов период планирани се и четири дводневни мултисекторски работилници на кои учество ќе земат судии обвинители и полициски службеници кои работат според Законот за правда за деца.
„Уверени сме дека просториите што денес ги отвораме во Гостивар, како и оние што ќе бидат отворени во Битола, Кочани и Гевгелија во периодов што следи, ќе ја постигнат и оправдаат својата намена“, нагласи Јанкулоска посочувајќи дека во текот на минатата година биле регистрирани вкупно 1558 кривични дела извршени од малолетници, кои најчесто се од областа на имотни деликти, претежно тешки кражби.
Инаку покрај министерката Јанкулоска на настанот присуствуваа и претставникот на УНИЦЕФ д-р Бертранд Демулин, заменик амбасадорот на Кралството Холандија Питер Ферхејен и градоначалникот на град Гостивар Невзат Бејта.