Охрид со помош на Владата пред нови инвестиции

Наскоро во Охрид Владата на Република Македонија од државниот буџет ќе инвестира во делот на изградба на пет плажи, изградба на градска марина и изградба на пешачка патека на потегот од Градското пристаниште до населбата „Канео“, а потоа во втора фаза изградба на патека од „Канео“ до „Лабино“.

„Дефинитивно со новата програма на Владата на Република Македонија, Охрид е застапен со изградба на пет современи плажи кои што се планира да  бидат изградени така како што ние првично како Локална самоуправа предложивме, односно  четири плажи на потегот од месноста Лагадин до Пештани и една плажа од месноста Грашница, па се до хотелот „Далјан“. Изработката на проектот ќе започне во текот на 2014 годин, а во 2015 и 2016 година дефинитивно овие плажи ќе бидат изградени и уредени. Што се однесува до изградбата на марината во оптек се две локации, едната е локацијата во централното градско подрачје до старото градско пристаниште и втората локација е некаде околу каналот Студенчишта за која што треба да се остварат и некои други предуслови за да би можеле да го реализираме овој проект“, – изјави градоначалникот Никола Бакрачески и додаде:

„Можам да кажам дека во овој момент преговараме и со Министерството за внатрешни работи и со Министерството за одбрана околу можноста за дислокација на двата објекти кои што во овој момент ги користат кај Студенчишта. Доколку тие бидат дислоцирани  во оптек е и опцијата градската марина да се изгради околу каналот „Студенчишта“.“

Најавувајќи ја изградбата на пешачка патека од пристаништето до Канео, градоначалникот Бакрачески вели:

„Ние во текот на наредната недела ќе имаме состанок со Министерството за транспорт и врски  кои што всушност се иницијатори на овој проект и кои што обезбедија средства за изградба на  пешачка патека  за која што во овој момент можам да кажам дека охриѓани имаат различно мислење. Голем дел од нив од одамна бараат нејзина изградба, а помал дел од нив имаат негативно мислење во однос на изградбата на оваа патека. Ние сепак првично ќе ги разгледаме заложбите на Министерството за транспорт и врски, ќе видиме како ќе изгледа проектот и каква ќе биде намената,  па дури потоа можеме на некој начин во една поширока дискусија со граѓаните на Охрид ја разгледаме оваа идеја и потоа да ја реализираме“, – соопшти градоначалникот Бакрачески.