Повеќе правни и физички лица беа опфатени во заедничката акциска контрола на инспекторите од координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост при Владата на Република Македонија, Државниот пазарен инспекторат и СВР Охрид.
Според Мите Костов претседател на координативното тело, во насока на сузбивање на пиратеријата, контролирани се правни субјекти во делот на повреда на индустриската сопственост и авторските права.
„Во акцијата во Охрид, во делот на повреда на индустриската сопственост опфатен беше градскиот пазар во однос на присуство на трговски марки кои како фалсификат им се продаваат на граѓаните. Пронајдената фалсификувана стока и производи се одземени, а на повеќе правни и физички лица изречена им е глоба во износ од околу 11.000,оо евра. Во делот на повреда на авторските права, при контролата опфатени се единаесет правни субјекти-приватни здравствени установи и кабелски оператори во Охрид и Струга. Притоа не се забележани неправилности и нема повреда на законските прописи. Овие субјекти имаат соодветен лиценциран софтвер“, рече претседателот Костов.
Тој најави дека вакви заеднички акциски контроли на инспекторите од координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост при Владата на Република Македонија, Државниот пазарен инспекторат и СВР Охрид, ќе продолжат, бидејќи, како што рече, пиратеријата создава огромни загуби по националните економии, а неретко продажбата на фалсификувана стока некого може да го чини и живот.