Македонија 75-56 Романија

Со нова одлична тимска партија и контрола врз случувањата на теренот и резултатот во текот на сите 40 минути од натпреварот, Македонија заслужено ја совлада Романија со високи 75-56. Избраниците на Александар Џикиќ утре го играат последниот меч од турнирот во Охрид, а противник ќе биде Грузија.

Слично како и на вчерашната средба со Австрија, селекторот Александар Џикиќ уште од почетокот на натпреварот често ротираше со својот состав, давајќи еднаква шанса на сите кошаркари во составот. Бојан Трајковски и Ричард Хендрикс беа предводници на раното водство на нашиот тим од 14-5, кое македонските кошаркари го одржаа до крајот на првата четвртина. Во вториот период, со неколку прецизни шутеви од далечина Романците успеаја резултатски да се доближат и во еден момент и да изедначат (26-26), сепак Македонија не дозволи комплетен пресврт и на пауза за полувреме замина со предност од 36-35.

На почетокот на второто полувреме, нашите кошаркари во првите три минути имаа проблеми со реализацијата, со што Романија стигна до највисока предност од 7 поени, но следуваа шест поени по ред на Бојан Трајковски, а потоа и тројки на Симоновски и Дамјан Стојановски, со што нашата репрезентација направи пресврт, за водство кое не го испушти до крајот. Селекторот Џикиќ продолжи да ротира со составот, а играта на Македонија беше течна и едноставна во напад и цврста и агресивна во одбрана. Разликата постојано се зголемуваше во последната четвртина, за заслужен и убедлив триумф од 75-56, втор во исто толку натпревари на турнирот во Охрид.

Бојан Трајковски одигра одличен натпревар за нашата репрезентација, завршувајќи го со 22 поени, 6 скокови и 2 асистенции и заедно со Хендрикс кој постигна 8 поени со 6 скокови, 4 асистенции, 3 украдени топки и 3 блокади, ја предводеше играта под обрачите. Покрај Хендрикс, по 8 поени постигнаа и Соколов, Костоски и Дамјан Стојановски, а заслуги за победата и добриот настап одат и кај сите останати играчи кои и на овој натпревар ја сочинуваа силната тимска игра на нашата репрезентација.

Турнирот во салата „Билјанини Извори“ во Охрид завршува утре со последните две средби. Од 18:00 часот се среќаваат Романија и Австрија, додека од 20:30 часот, Македонија се среќава со Грузија во дуелот на двете досега непоразени репрезентации.