Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во проштална средба го прими амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Н.Е. Гудрун Штајнакер.
Претседателот Иванов, изрази благодарност за досегашниот личен ангажман и придонес на амбасадорката г-ѓа Штајнакер, во унапредување на билатералните односи и интензивирање на соработката меѓу двете земји.
На средбата беше изразено взаемно задоволство од севкупниот досегашен развој на билатерален план, кој континуирано бележи позитивен тренд, како на економско поле така и во општествено политичките сфери.
„Германија, како водечка европска држава и како еден од најзначајните економски партнери на Република Македонија, е исклучително важен пријател и партнер на нашата земја и ние високо ја цениме улогата на Германија во нашите интегративни процеси”, рече претседателот Иванов на средбата.
Македонскиот претседател ја истакна потребата за натамошно интензивирање на добрата соработка со Сојузна Република Германија, позитивно оценувајќи ја пораката на германската канцеларка г-ѓа Ангела Меркел дадена во Дубровник, што е уште една потврда за поддршката што ја добиваме од Сојузна Република Германија во однос на нашите евроатлантски аспирации.
Амбасадорката Штајнакер, се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на нејзиниот мандат, и изрази задоволство од вршењето на дипломатската должност во земјава.
Заблагодарувајќи се за досегашниот ангажман и добрата соработка, претседателот Иванов на амбасадорката Штајнакер и посака успех во натамошната работа.