Меѓународната изложба „Златните лица на македонските кралеви-Македонците и Келтите од Охридскиот регион“, дел од проектот на Европската унија „Судир на културите“, координиран од универзитетот од Приморска, в среда ќе биде отворена во Келтско-римскиот музеј во Манхинг, Германија.
Ова на денешната прес-конференција го најавија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорите на Управата за заштита на културното наследство и на Археолошкиот музеј Виктор Лилчиќ и Весела Честоева.
Во изложбата, која ќе биде отворена до 16 ноември, партиципираат Археолошкиот музеј на Македонија, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, Музејот на град Неготино и „Келтен ромер музејот“ од Германија во координација со нашата Управа за заштита на културното наследство.
„Поставката составена од 62 вредни артефакти кои потекнуваат од 5 до 3 век пр.н.е. и кои се пронајдени на територијата на нашата земја за време на археолошките истражувања, е потврда за моќта на македонската аристократија, како и за контактите меѓу предисторискиот Централно-европски келтски свет и Медитеранската култура на империјална Македонија во период меѓу VI и II век пр.н.е.,“ потенцира министерката за култура.
Ова, како што рече, е навистина исклучителна можност посетителите да се запознаат со еден од најзначајните и најславните периоди од македонската историја.
„Златната маска и ракавица, златен накит, монетите, медалјоните стари 25 века, познатата фигурина на Изида од алабастер, садови од керамика, белегзии, оружје, келтски шлемови, но, и другите предмети сликовито ја раскажуваат приказната за Македонија, која е неизоставен дел од мозаикот на европската цивилизација и култура. Артефактите се доказ за нашиот културно-историски идентитет, тие ја претставуваат материјалната вистина за развојот на цивилизацијата на македонското тло“, посочи Канческа-Милевска.
Министерката за култура истакна дека Македонија поседува богато културно наследство и потсети дека во изминатиот период нашата држава имаше неколку особено значајни претставувања на своето непроценливо културно богатство во Утрехт, Холандија, во Кралскиот музеј во Мариемонт во Белгија, во Ватиканските музеи…
Според Лилчиќ, време е Македонија да се појави пред светот со ова огромно културно и пребогато наследство.
„Во Манхинг се појавуваме со три блока предмети, кои потекнуваат главно од градот Лихнид на Охридското Езеро. Тука е златниот трезор од Тревник, во близина на Неготино и предметите на Келтите кои своите животи ги положиле за одбрана на граѓаните на Лихнид“, рече Лилчиќ.
Честоева и Лилчиќ очекуваат голем интерес на европската јавност за изложбата. Честоева информира дека за осигурувањето на археолошките предмети е платено 5 милиони и 378 илјади евра, средства обезбедени од проектот. Додаде дека направени се сите анализи и мерки за утврдување на автентичноста на предметите, при нивно излегување и враќање.
На изложбата Македонија се претставува под уставното име, а големи македонски знамиња ќе бидат поставени на музејската зграда.
Наскоро, највредните примероци на нашето културно наследство, примероци и од оваа изложба ќе бидат изложени во новиот Археолошки музеј.