Две од анализираните 200 мостри храна, земени од страна на инспекциските служби во рамки на засилените инспекциски контроли, се позитивни на бактеријата листреија. Ова, деновиве на прес конференција, на која беа презентирани првичните резултати од лабораториските анализи на мострите, го соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски.
„Ние во изминатите неколку дена додека траеја контролите однесовме повеќе од 300 мостри во Ветеринарниот институт, односно во Институтот за храна при Факултетот за ветеринарна медицина и исто толкав број во Институтот за јавно здравје. Досега имаме резултат од околу 134 мостри од Институтот за јавно здравје и 54 мостри од Факултетот за ветеринарна медицина. Од овие, позитивни на листерија се само две. Ваквите резултати не значат поврзаност со хуманите случаи на листерија“, рече директорот Рунтевски.
Според него се работи за мостри од колбаси, од две компании од домашната месна индустрија. Во следниот период ќе следи генетска типизација на мострите на Факултетот за ветеринарна медицина. Резултатите од типизацијата ќе бидат готови во среда попладне и тогаш ќе се знае дали тие ја предизвикале листериозата кај заболените лица.
Како што појасни тој, колбасите не се опфатени со Правилникот бидејќи подлежат на дополнителна термичка обработка со која се смета дека бакетријата би се уништила. Со овој подзаконски акт според него се опфатени готовите производи.
„Производите не се на пазарот, меѓутоа мора да ја чекаме типизацијата во среда, за да кажеме дали има врска или не со хуманите случаи, појасни Рунтевски.
Во меѓувреме, продолжуваат контролите на терен заедно со Државниот здравствен и санитарен инспекторат, рече Рунтевски и информира дека веќе се преземни чекори во однос на последниот случај на листериоза потврден вчера кај лице од Тетово.
Тој појасни дека, овој пациент конзумирал печено месо, а не сувомени производи, како и млеко од домашно производство од животни кои ги чувал и од кое правел сирење од непастеризирано млеко.
„Земени се мостри од животните, од млекото кое е затекнато, а земени се брисеви и од кујната каде вработениот се хранел и се чекаат резултатите,“ рече директорот на Агенцијата.
Јованка Костова од Институтот за јавно здравје информира дека Комисијата за заразни болести на вонредната седница одлучила да се направат инспекциски контроли кај двата производители во нивните производни погони, да се земат дополнителни мостри за анализа и истите да се испитаат во три лаборатории. Според неа ќе се проверува и каде се дистрибуирани сите нивни производи низ земјата. Во оние градови каде имаше заболени, според заклучоците на Комисијата ќе се направи супер контрола, односно повторно ќе се земат мостри од продавниците кои имаат нивни производи, ќе се земат мостри од машините за преработка на месо,ќе се утврдува добавувачот и евентуалниот пропуст кај него, со цел да се најдат допирни точки меѓу двата производители. Мостри ќе се земат и од нивниот добавувач на основна суровина.
Комисијата предложила и измена на подзаконскиот акт на Агенцијата за храна и ветеринарство, иако истиот е целосно усогласен со европскиот, со кој во иднина ќе се се бара во производи кои ќе излезат во промет воопшто да не се дозволува присуство на листерија, вклучувајќи и производи кои термички би се обработиле како што се колбаси или виршли.