АХВ со дополнителни мерки за превенција, намалување и елиминирање на ризикот од листерија

По вонредните инспекциски контроли кои ги спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство од почетокот на минатата недела, со цел превенција, намалување и елиминирање на ризикот од евентуално ширење на заразата со листерија, Агенцијата за храна и ветеринарство денес ги прошири активностите со:

-Надополнување на годишната Наредба за извршување на ветеринарните мерки и контроли за заштита на јавното здравство од контаминенти или резидуи кои се пренесуваат од животните или производите од животинско потекло, со воведување на обврска за операторите со храна од животинско потекло за задолжително лабораториско испитување на сите лотови на производи од животинско потекло кои се опфатени со Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна (“Службен весник на Република Македонија” бр. 100/14), за утврдување на евентуално присуство на бактеријата Listeria monocytogenes.

Станува збор за нови дополнителни превентивни мерки за исполнување на посебните барања за безбедност на храната со кои се забранува ставање во промет на храна од животинско потекло опфатена со Правилникот, а кои се однесуваат на микробиолошките критериуми, се додека не се добие задоволителен лабораториски наод.

Испитувањата се вршат во акредитирани лаборатории со акредитирани методи.

Во случај на позитивни наоди од земените мостри, Агенцијата ќе нареди итно повлекување на спорните производи и ќе изврши задолжително информирање на граѓаните за евентуално спорните производи.

-Агенцијата донесе наредба за спроведување и на вонредни превентивни контроли кај операторите кои произведуваат храна, со посебен осврт во делот на исполнувањето на предусловните програми, контролата на прием на суровини, технологијата на производствениот процес, (со акцент на контрола на температура при термички третман и останати критични контролни точки), транспортот, дистрибуцијата, постапките за следливост и повлекување и нивната функционалност.

-Како дел од засилените инспекциски мерки се спроведуваат и активности за контрола на малопродажните објекти во однос на условите за промет и продажба со посебен осврт потенцијално осетливите производи на оваа бактерија, условите на складирање и продажба како и на рокот на употребата на производите.

Во рамки на засилените контроли, Агенцијата за храна и ветеринарство ги пренасочи сите расположиви ресурси во спроведување на мерките. И во наредните денови продолжува континуираната контрола на сите точки во ланецот на безбедност на храна кои се сметаат за ризични.

На препорака на Министерството за здравство АХВ започна и постапка на измена и дополнување на Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна, иако е усогласен со релевантното законодавство на ЕУ, во правец на воведување на постриктни критериуми во однос на бактеријата Listeria monocytogenes.
Препораки:

Со цел спречување на појава од заразни заболувања, кои се пренесуваат преку храна, ја информираме јавноста за почитување на следните превентивни мерки за заштита на здравјето:

-Темелно миење на рацете пред подготовка и пред консумација на храна и почесто миење на рацете за време на подготовка на храната.

-Храната да се користи веднаш по подготвувањето, а доколку не се употреби веднаш, да се чува на температура од 2 до 8 степени Целзиусови (во фрижидер), и при повторна употреба да се загрее на температура над 70 степени Целзиусови.

-Да не се консумира сирова или недоволно термички преработена храна, посебно месо и преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца.

-Сировата и подготвената храна да се чуваат во фрижидер одделно, во посебни заштитени садови, со што ќе се избегне можност за загадување на веќе подготвената храна.

-Не оставaјте подготвена храна на собна температура подолго од 1 час, односно подготвената храна ставете ја во фрижидер веднаш по користењето, каде препорачливо е да се чува максимум три дена и јадењето да не се подгрева повеќе од еднаш.

-Свежиот зеленчук, овошјето и салатите потребно е темелно да се измијат под силен млаз вода – пред јадење, сечкање или готвење.

-Во летен период избегнувајте лесно расиплива храна, како што се мајонези, кремови, сладолед од свежи и термички необработени јајца.

-Да се консумира безбедна вода за пиење, а доколку не сте сигурни за нејзиниот квалитет, пред употреба задолжително да се преврие.

-Кај бремените жени, лица со хронични болести, лица со намален имунитет, лица над 65 години и мали деца, потребно е поголемо внимание при консумација на храна во летниот период. Освен почитувањето на општите превентивни мерки, наменети за целото население, овие лица треба да ги почитуваат и следните препораки за заштита на здравјето:

-Да избегнува користење на непастеризирано млеко и млечни производи од непастеризирано млеко, како што се меки сирења, намази и слично.

-Да се избегнува консумирање паштети, сувомесни производи, чадена риба и други чадени и термички необработени месни производи

-Да се избегнува користење на претходно подготвени овошни и салати од зеленчук (термички необработени)

-Да се избегнува консумирање сладолед, мајонез и кремови подготвени од свежи или недоволно термички обработени јајца.

-За ризичната категорија лица се препорачува користење на свежо приготвена храна во домашни услови.