Претседателот на СДСМ Заев со честитка по повод 111 години Илинден и 70 години АСНОМ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев во негово лично име и во името на СДСМ, на сите граѓани на Република Македонија им го честита одбележувањето од 111 години од Илинденското востание и 70 години од првото заседание на АСНОМ.

Овој свет датум е вечен потсетник на темелите на македонската државност. Денеска им оддаваме почит на нашите херои кои го дале својот живот за слободна и независна Македонија, дом за сите граѓани кои живеат тука.

Денес, повеќе од кога и да е , имаме потреба да ја вратиме слободата на духот, креативната движечка сила која единствено носи напред. Слободата и идејата по која копнееле и се бореле илинденците, годинава, на 70 годишнината од АСНОМ, да ја насочиме кон создавање општество на слободни граѓани кои без разлика на својата верска и национална припадност , ќе разменуваат идеи, мисли и визии и со тоа ќе градат подобро утре, за што сонувале и предците, а го заслужуваат нашите поколенија.

Денешниот ден нека не биде само бележник, туку и мотив, сите да се свртиме кон заедничка иднина, достоинствен дом во кој има место за сите.

Нека ни е честит големиот празник Илинден со надеж дека Македонија конечно ќе успее да направи исчекор интегрирајќи се во евро–атлантските асоцијации што ќе придонесе на поквалитетен живот на сите граѓани чиј дом е Македонија.