Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими, г. Реј Мабус, секретар на морнарицата на Соединетите Американски Држави.
На средбата беа разгледани билатералните односи меѓу Република Македонија и САД, во контекст на соработката во сферата на одбраната, како и состојбите во врска со членството на Република Македонија во НАТО.
Претседателот Иванов истакна дека нашата држава останува цврсто посветена на промовирање на мирот, стабилноста и безбедностa во нашиот регион, но и надвор од него, и изрази задоволство од соработката во областа на одбраната меѓу Република Македонија и САД, пред се во ИСАФ мисијата, и успешната соработка на АРМ со Националната гарда на Вермонт.
Македонскиот претседател подвлече дека Република Македонија ги исполнува сите услови и критериуми, и со учеството во мировните мисии, де факто се однесува како членка на северно атлантската организација, при што изрази очекување за натамошна поинтензивна американска поддршка, за Македонија да си го заземе заслуженото членство во НАТО.
„Влезот на Република Македонија во НАТО ќе придонесе за натамошна стабилност на Балканот и за заокружување на безбедносната рамка на Алијансата во регионот”, рече претседателот Иванов на средбата.
Г. Мабус, изрази благодарност за досегашниот ангажман на македонските војници во меѓународните мировни мисии, и додаде дека САД како и досега ќе продолжи да биде поддржувач на стратешката определба на Република Македонија за целосна интеграција во евроатлантските структури.