Одржан координативен состанок во просториите на „Градски пазар“

Денеска, во просториите на ЈП „Градски пазар“ се одржа координативен состанок на кој се разговараше за преземањето активности за спречување на вршење продажба на земјоделски производи на недозволени локации на територијата на општина Охрид. На состанокот покрај претставниците на ЈП „Градски пазар“ присуствуваа и секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, претставници на Управата за јавни приходи и Пазарен инспекторат, претставници на општинскиот инспекторат, претставници на Министерството за внатрешни работи и СВР – Охрид и претставници од инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство.

За да се реализира оваа основна цел, учесниците на состанокот заклучија дека има потреба од координирани активности помеѓу сите надлежни институции за елиминирање на оваа појава. Со ова конечно ќе се стави ред и во оваа сфера.

Ваквите координативни состаноци се честа практика која ја применува Локалната самоуправа. Како резултат на средбите, произлегуваат заклучоци од кои значително се подобрува функционирањето на институциите во корист на граѓаните.