Стефаноски и Поп Ацев – македонските фаворити на Пливачкиот маратон

Томи Стефаноски и Евгениј поп Ацев се македонските фаворити кои во сабота во рамки на 28-от Охридски пливачки маратон заедно со уште 14 мажи и шест жени од 14 земји ќе запливаат на 30 километарската патека “Килиме Савин“ од манастирскиот комплекс Св. Наум до градското пристаниште во Охрид.

Томи Стефаноски на светската ранг листа за пливачки маратони на долги патеки во моментов котира највисоко и тоа би значело дека доколку победи ќе стане светски шампион во пливање за 2014 година што секако ќе значи промоција на Охрид и Македонија во цел Свет.

Евгениј поп Ацев е вториот македонски фаворит, кој минатиот викенд победи на Велешкиот пливачки маратон што беше од затворен тип. Двајцата наши пливачи се во топ форма и по кој знае кој пат со претходните резултати и со самото тоа што влегле во фото –финишот потврдиле дека се блиску до наградата.

Само за споредба неколку годишниот победник на маратонот , бугаринот Петар Стојчев кој лани изјави дека повеќе нема да учествува на нашиот маратон, со мала предност водеше пред двајцата македонски фаворити.

Во 2011-та година Петар Стојчев од Бугарија, патеката “Климе Савин“ ја преплива за 5 часа 35 минути и 13 секунди, една минута подоцна на целта пристигна и нашиот Томи Стефаноски кој патеката ја преплива за 5 часа 36 минути и 26 секунди. Веднаш зад него со задоцнување од само три секунди беше Евгениј поп Аацев кој на целта пристигна за 5 часа 36 минути и 29 секунди.

Инаку годинава Македонија ќе нема претставник во женска конкуренција. Пред околу 10 години златниот медал припадна во рацете на нашата гордост Теодора Раптис.
Годинава Општина Охрид во соработка со Сојузот на спортови , охридската Капетанија и Јавните претпријатија застанува зад целосната техничка организација на пливачкиот маратон. Значи организацијата во поглед на чамци -придружба, контролни чамци, глисери, бродови, водител, културно –уметничкиот дел на манифестацијата која се однесува на моментот на пристигнување на пливачите, нуркачи, спасувачки екипи и слично паѓа на товар на Општина Охрид.

Со заложба на градоначалникот Никола Бакрачески ден пред маратонот во петок од 9 часот наутро во хотел “Ривиера“ ќе бидат организирани здравствените прегледи од страна на медицински екипи . Исто така во петок во 12 часот во мала сала во општина Охрид е предвидена средба со новинарите на која се очекува да присуствуваат Градонацалникот Никола Бакрачески ,делегатите и македонските маратонци.

Истиот ден , во рамките на фестивалот “Охридски трубадури“ ќе има официјално претставување на маратонците, на сцената поставена пред кафе бар “Објектив“.

Традиционално по пристигнување на сите учесници на Градското пристаниште во Охрид покровителот на манифестацијата, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на тројцата најдобро пласирани во машка и женска конкуренција ќе им ги додели наградите. Наградниот фонд за 28-от Пливачки маратон е 10.000 долари. Охридскиот пливачки маратон годинава е во организација на Меѓународната пливачка организација – ФИНА, Пливачката федерација на Македонија, Општина Охрид и Каптеанијата на пристаништата.