Врвот на СДСМ ја почна стратегијата

Раководството на СДСМ попладнето почна со првите чекори за реализација на Стратегијата за политичко делување на Социјалдемократскиот сојуз, усвоена едногласно на синоќешниот состанок на Централниот одбор.

Претседателот на партијата Зоран Заев, заедно со генералниот и организацискиот секретар, Оливер Спасовски и Миле Зечевиќ одржаа координација со Општинските организации. Заменик претседателката Радмила Шекеринска се состана со претседателите на Советите на партијата, што се трансформираат во Комисии и ќе бидат пандан на министерските структури.

И на двата попладневни состанока е искажана силна поддршка и подготвеност за посветено вклучување и на Општинските организации, и на претседателите и членовите на Советите, во активностите за спроведување на Стратегијата.

„Ни претстои сериозен период што бара од нас максимален ангажман за да ја постигнеме целта. Се работи за државата, за граѓаните, за семејствата и децата на секого од нас. Конечната цел е нашата Македонија“, рече претседателот Заев.

zaev_sednica_210801

Генералниот секретар, Спасовски и организацискиот секретар на СДСМ, Зечевиќ на средбата со првите луѓе на Општинските организации на партијата посочија дека СДСМ се наоѓа во историски момент кога и е сериозно потребна на државата и дека Социјалдемократскиот сојуз е единствената политичка сила што реално може да им помогне на граѓаните.

На состанокот со претседателите на Советите, што продолжува и утре, заменик претседателката Шекеринска посочи дека генерален проблем во Македонија е непостоењето услови за фер шанса, и за граѓаните и во политичкиот простор.

„Прецизно ќе ги лоцираме проблемите во државата и ќе нудиме реални решенија. Ќе покажеме дека имаме визија за поинаква Македонија што ќе продуцира напредок и подобар живот за сите“, рече заменик претседателката Шекеринска.

На состаноците беше разговарано за начините на реализација на 4-те столба на Стратегијата на СДСМ, посебно на столбот “Работиме заедно“ што предвидува секојдневни средби со граѓаните и домаќинствата и на столбот “Чесна понуда“ преку којшто СДСМ и покрај недемократските услови и контролираниот медиумски простор, ќе стане видлива алтернатива на актуелната штетна власт.

sekerinska_sednica_210802