Средба во Спомен-домот на браќата Миладиновци

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга оствари работна средба со претседателот на Фондацијата на туркофонијата од Анкара, Република Турција, Јахја Акенгин, поет и учесник на 53. издание на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“.

На средбата, на која присуствуваше и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Владо Камбовски, како и раководството на Националната установа „Струшки вечери на поезијата“, стана збор за досегашните односи во областа на културата меѓу Република Македонија и Република Турција, кои, како што нагласи министерката за култура, се одликуваат со реализација на многубројни проекти од сите дејности.

На средбата стана збор и за иницијативата за отворање Музеј на светската поезија во Струга, во кој преку современа музејска поставка ќе биде презентирана петдецениската историја на светски реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Министерката за култура, која ја поздрави иницијативата, истакна дека овој музеј ќе биде уште една потврда дека оваа поетска манифестација е бренд од пошироко значење, но и потврда за добрите односи што ги негуваме со Република Турција.

Канческа-Милевска потсети дека во изминатиот период во соработка со Турската интернационална агенција за соработка и развој – ТИКА се реализирани многу важни проекти од областа на културата, како што се обновата на роднинската куќа на Кемал Ататурк во Коџаџик, обновата на спомен-собата на таткото на современа Турција во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј во Битола и многу други проекти.