Поддршка за превод на 16 македонски дела од странски издавачи

Министерството за култура ќе поддржи 16 проекти на 15 автори за превод на македонски дела на странски јазици, информираше министерката Елизабета Канческа-Милевска.

На прес-конференцијата во Струга таа рече дека има голем интерес од странските издавачки куќи за превод на дела од македонски автори. Во Министерството за култура пристигнале 36 апликации од издавачки куќи од 15 земји: Канада, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Руска Федерација, Германија, Словенија, Белгија, Црна Гора, Албанија, Шпанија, Турција, Бугарија и Украина.

„Конкурсот за странски издавачи е една од најкрупните реформи во областа на издавачката дејност во Република Македонија. Нашето досегашно искуство говори дека овој проект ќе има големи придобивки во контекст на афирмацијата на македонската книжевност во светот. Уверена сум дека бројот на апликации и во иднина ќе се зголемува, особено преку промоцијата на овој проект на големите саемски претставувања на Република Македонија, кои ќе се случуваат во наредните два месеца во Франкфурт и во Гетеборг“ – рече Канческа-Милевска.

Во согласност со исполнетите критериуми на конкурсот, Комисијата одлучи да биде обезбедена поддршка за превод на романите: „Трите века“ од Саво Костадиновски на германски јазик, „Храпешко“ од Ермис Лафазановски на полски и на руски јазик и „Патот на јагулите“ од академик Луан Старова на руски јазик.

Белгиската издавачка куќа „Кантокен“ од Брисел на француски јазик ќе го преведе наградуваниот роман „Вештица“ од Венко Андоновски. По издавањето, романот ќе биде дистрибуиран на поширокото јазично подрачје каде што се говори францускиот јазик, пред се’, на територијата на земјите од Бенелукс. Романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски ќе биде преведен и објавен на полски јазик од издавачката куќа „Фоксал“ од Варшава.

На српски јазик ќе биде преведено делото „Асхаровци“ од Трајан Петровски, а „Балканскиот мегаетникум“ од проф. д-р Димитар Мирчев ќе биде преведено на словенечки јазик и издадено од Универзитетот во Љубљана.

Ќе бидат преведени и дела од литературата за деца: „Првата љубов на Розевата улица“ од Киро Донев и „Весел ЗОО Парк“ од Натали Спасова, кои ќе бидат објавени на украински јазик од издавачката куќа „Твердинаја“.

Покрај дела од прозната продукција, поддржани се и преводи на неколку поетски збирки од истакнати македонски поети, како и антологии на македонската поезија.

На српски јазик ќе бидат преведени делата: „Антологија на современата македонска поезија-Семоќни струни“ од Ристо Василевски и „Огледало на вековите – избор од поезијата на Раде Силјан“, од издавачката куќа „Арка“ од Србија.

„Смртта има коса од морска трева“ од Игор Исаковски ќе се преведе на хрватски јазик од издавачката куќа „Меандар медиа“ од Хрватска, а избор од поезијата на Богомил Ѓузел на црногорски јазик ќе преведе издавачката куќа ОКФ од Цетиње.

„Кога ни гореше под нозете“ од академик Катица Ќулавкова ќе се преведе на албански јазик од издавачката куќа „Тоена“ од Тирана, а „Поле, бојно поле?“ од Славе Ѓорѓо Димоски на бугарски јазик ќе го преведе и ќе го објави издавачката куќа „Смол срејшн прес“ од Софија.

05_sredba_izdavaci

Нове Цветановски, претставник на стручната комисија, истакна дека Министерството за култура дава најобемна поддршка за прозните дела споредено со земјите во регионот.

„Ова е еден од најзначајните проекти за меѓународна афирмација на македонската литература и култура. Конкурсот веќе ја носи македонската додадена вредност во европската, па и во светската литература, затоа што носи вредни дела од македонски автори на други јазици. Со самиот чин на објавување на делата, се збогатува трајната вредност на тие национални култури, на јазикот на кој се преведува и воопшто на европската литература и култура“ – рече Цветановски.

За академик Катица Ќулавкова, активирањето на проектот за превод на македонски дела на други јазици, кои ќе бидат објавувани од реномирани издавачки куќи во странство, е знак дека неколку потези и концепции за развојот на културата на Република Македонија се добро испланирани.

„Очекувам големи резултати од овој проект на планот на промоција на македонската култура и литература во светот. Мислам дека нема писател кој не е задоволен од овој потег бидејќи знаеме дека во минатото навистина сме наидувале на многу проблеми – прво во преводот на нашите дела, а потоа и во објавувањето затоа што преводот е еден од условите без кои не се може нашите дела да бидат објавени во странство и особено кај реномирани издавачи“ – рече Ќулавкова.

Министерството за култура во почеткот на 2014 година објави конкурс за странски издавачи, односно за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската литература на странски јазици. Конкурсот беше предвиден како приоритет во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 со цел да обезбеди посоодветен третман на нашите автори кај странските издавачи и меѓународна промоција на македонското творештво и на државата.