Фестивалот „Етноплоштад“ препознатлив по високите културни вредности

Андријана Јаневска, Митан проект, Љубојна, Брас фантази, Сашо Гигов-Гиш, Чалгија блуз, Монистра, Уска Кан, како и многу фолклорни ансамбли од Македонија, Србија и од Бугарија се дел од реномираните музички имиња и состави кои ќе настапат на двете сцени на традиционалниот, 6-ти по ред, „Етноплоштад-фестивал“ (Ethno Square Festival), кој од 28 до 30 август се одржува во Берово.

Од општина Берово, која е организатор на Фестивалот, нагласувааат дека се подготвени за исклучителното фестивалско доживување за сите вљубеници на етномузиката. Во изминатиот период Фестивалот стана препознатлив по високите културни вредности што ги презентира и досега на него настапија речиси сите наши изведувачи кои со своето творештво оставија печат користејќи ја нашата традиционална музика, како и етаблирани уметници од Бразил, Америка, Франција, Словенија, Полска, Романија, Бугарија..

Освен концертната програма, во рамките на Фестивалот се одржува и традиционалниот саем „Малешевијата на дланка“. Шаренилото од бои и богатството на производи на многубројните штандови му дава посебен дух на целиот плоштад кој годинава ќе биде збогатен со двете сцени – традиционален фолклор и „етнофјужн“. На традиционалниот саем се нуди Малешевијата како на дланка, со ракотворби, сувенири, резби изработени во традиционален стил, волнени производи, традиционална облека, ткаенини.. На штандовите доминираат медот и млечните производи, познатото беровско сирење, еколошки сокови, оцет, џемови, подготвени по традиционални рецепти, од природни суровини. По официјалната програма на Фестивалот, забавата продолжува со концертите на Тони Зен, Кристина Арнаудова, Влатко Илиевски, Дрти сајд (Dirty Side), Ептен, Штекица и многу други. Фестивалот е поддржан во Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес на Министерството за култура.