Министерката Канческа-Милевска оствари средба со амбасадорот на Израел во Македонија, Ориан

Министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска оствари работна средба со Дан Ориан, новоименуван амбасадор на Државата Израел во Република Македонија. На средбата, на која присуствуваше и заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, беа истакнати добрите културни врски што ги негуваат Израел и Република Македонија, кои се одликуваат со реализација на голем број проекти од сите дејности на културата.

Соговорниците потсетија дека во 2004 година Република Македонија и Државата Израел ја регулираа соработката во областа на културата со потпишување на Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Државата Израел за соработка во областа на културата, образованието и науката. На средбата беше потенцирана и потребата односите меѓу двете земји да се регулираат со потпишување на посебна програма за културна соработка со што би се интензивирала комуникацијата меѓу инстутуциите во двете земји.

Во контекст на квалитетната размена на проекти и уметници, беше нагласено дека во изминатите години се остварени гостувања на истакнати уметници од Израел, а меѓу позначајните се и гостувањето на Израелската филхармонија под диригентската палка на Зубин Мехта, додека годинава пред македонската публика, во рамките на годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“, беше реализиран мошне успешен настап на израелската музичка актракција „Вока пилп“. На 53-тото издание на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“, која започна на 21 август, во Струга беа поканети и две израелски поетеси, Хава Пинкас Коен и Анат Захарија, а во рамките на професионалните посетители – директори и организатори на поетски фестивали, издавачи и книжевни промотори – присуствуваше и Циона Шамај.

На средбата, министерката за култура Канческа-Милевска нагласи дека во рамките на капиталните проекти на Владата на Република Македонија, односно во проектите „Ѕвезди на светската книжевност“ и „Превод на дела кои добиле Нобелова награда за литература“, застапени се автори од Израел или дела на хебрејски јазик, а и во проектот „Антологија на светската поезија“ ќе бидат презентирани и преводи на познати поетски дела на хебрејски јазик. Соговорниците се согласија дека е потребна поголема соработка меѓу издавачките куќи во двете земји во насока што поголем дел од двете литератури да бидат застапени и во нашата земја и во Израел.

Во насока на зацврстување на пријателството со израелскиот народ, како една од позначајните активности кои се реализираа во изминатите години е отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, кој е четврти од овој вид во светот по „Јад Вашем“ во Израел и оние во Вашингтон и во Берлин. Република Македонија активно партиципира и во адаптацијата на павилјонот 17А, кој се наоѓа во Државниот музеј во Аушвиц – Биркенау, Полска, проект под покровителство на УНЕСКО во кој покрај Република Македонија, учествуваат и сите земји од поранешна Југославија.

rabotna_sredba_-_Izraelski_ambasador_6_640X400