Јолевски: Република Македонија и во иднина ќе ги поддржува сите иницијативи кои ќе придонесат за зачувување на мирот и стабилноста во регионот и пошироко

Денес во Охрид, во организација на Маршал Центарот на Република Македонија, а под покровителство на НАТО Секторот за јавна дипломатија и Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“, започна тридневниот форум на тема „НАТО Самитот во Велс: Иднината на алијансата и регионалната стабилност на Западен Балкан”. На покана на организаторот, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, имаше свое воведно обраќање.

Најдобриот начин за заеднички придонес, како за регионалниот така и за светскиот мир и безбедност, е размената на мислења и дискусиите за глобалните и регионалните предизвици токму на ваков тип на форуми, рече министерот Јолевски во воведното обраќање пред присутните.

 Лидерите на Самитот на НАТО во Велс донесоа важни одлуки и бројни мерки чија цел е да придонесат за навремена подготовка на Алијансата и партнерите за брз и одлучен одговор на заканите на денешницата по колективната безбедност. Во тој контекст, министерот Јолевски додаде дека Република Македонија останува посветена во споделувањето на заедничките вредности на Алијансата и во иднина, силно ќе ги поддржува сите иницијативи кои ќе придонесат за зачувување на мирот и стабилноста во регионот и пошироко.

На крајот од своето обраќање министерот Јолевски на присутните учесници на форумот им посака успешна и плодна дебата.

На отворањето на форумот свое обраќање имаа и претседателот на Маршал центарот во Република Македонија, проф. Д-р Стојан Славески и Дин Двиганс, директор на Алумни програмата на Европспкиот центар за безбедносни студии, „Џорџ Маршал“.

На оваа работилницата учествуваат, триесетина експерти од државите од регионот, меѓу кои универзитетски професори, политичари, претставници од НАТО канцеларијата за врски и од дипломатскиот кор на Република Македонија.