Првачињата од ОУ „Живко Чинго“ од вчера учат во нова училница

По барање на родителите, а со посебно залагање на раководството на ОУ „Живко Чинго“ – Велгошти, од вчера учениците од прво одделение ќе учат во нова училница, во смена со своите врсници.

Имено, ова училиште веќе подолго време се соочуваше со просторни услови за згрижување на сите ученици од прво одделение во една смена, заради недостаток на просторни услови, односно соодветна училница (занимална). Поради тоа, дел од учениците од прво одделение досега беа принудени да одат на училиште со другата смена, односно со поголемите ученици од предметна настава. Секоја учебна година започнуваше со барања на родителите да се најде начин нивните деца да бидат во смена со нивните врсници, најмногу поради правилна социјализација и безбедност.

ОУ „Живко Чинго“ постојано работи во насока на обезбедување квалитетни и соодветни услови за работење, како и еднаков третман за своите ученици. Со целосна посветеност на решавање на овој проблем, преку соодветна пренамена на една просторија во училиштето, веќе е обезбедена соодветна занимална за овие ученици. Од вчера дел од првачињата во ова училиште одат во нова занимална и заедно со своите врсници. Новата занимална во наредниов период комплетно ќе биде опремена со нов инвентар и нагледни средства преку донација и проект за нагледни средства.

WebOhrid