Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, заменик претседателката, Радмила Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски денеска се сретнаа со претставникот на Генералниот секретар на ООН и раководител на канцеларијата на ООН во Белград, Питер Н. Дју.
На средбата се разговараше за актуелната политичка ситуација и за безбедносната состојба во државата.
Претставникот на Генералниот секретар на ООН посебно се интересираше за капацитетите за решавање на политичката криза и го акцентираше како важно создавањето демократски амбиент во којшто ќе се решат сите отворени прашања.
Претседателот Заев ги објасни 5-те теми за разговор што ги бара опозицијата во преговорите со власта и коишто се темелат на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
-Клучно за граѓаните на Македонија, за државата и за демократијата во земјава е да се обезбедат гаранции за практичната примена на евентуално договореното, што е единствено можно со споделување на одговорноста помеѓу власта и опозицијата при неговата реализација, рече претседателот Заев.
Претставникот на Бан Ки Мун, Питер Н.Дју, се интересираше и за меѓуетничките односи во земјава. Тој порача и дека од големо значење за иднината на Македонија се евро-атлантските перспективи.
Раководството на СДСМ соопшти дека Социјалдемократскиот сојуз е посветен на препораката за почеток на преговорите со Европската Унија во овогодинешниот Извештај и дека останува определен кон овие стратешките цели за државата.