СДСМ: Власта на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Бакрачески веднаш да прекине да ги малтретира општинските работници во општина Охрид

ОО на СДСМ Охрид, денес одржа прес-конференција, на која зборуваше портпаролот на СДСМ Охрид, Александар Кузески.

„Вработени во општина Охрид веќе 9 месеци незаконски, непрофесионално и сосема непотребно се преместени да работат во село Косел. Тие се приморани секој ден да патуваат од Охрид до село Косел и назад. Задолжени се да седат во објект на поранешна општина Косел, пред селото да стане дел од општина Охрид и толку. Таму нема никакви услови за работа. Ниту луѓето имаат контретни работни задачи. За патувањето до новото работно место во Косел, не им се покриени ни патни трошоци. Поради ваквото поигрување од општинската власт и градоналачникот Никола Бакрачески, овие вработени секојдневно трпат малтретирања и понижувања од страна на општинската администрација.“- обвини Кузески и додаде:

„Од општина Охрид во Косел се префрлени стручни работници, од одделението за соработка со меѓународни организации, одделението за збратимени градови, екологија и неколку возачи. Оправдувањата за префрлувањата од градоначалникот Бакрачески и власта на ВМРО-ДПМНЕ се наводни средби со граѓани. За какви средби со жителите на Косел станува збор, кога до сега не е одржана ниту една средба со нив? Најавени се оценки, извештаи и анализи за работата на овие вработени, но ним воопшто не им се даваат никакви работни задачи. Бакрачески треба да каже, дали неговата цел е чистка со цел отворање простор за партиски вработувања на ВМРО-ДПМНЕ?“– додаде Кузески.

Од ОО на СДСМ Охрид, апелираат власта на ВМРО-ДПМНЕ и  градоначалникот Никола Бакрачески веднаш да прекине да ги малтретира општинските работници во општина Охрид.