Министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми, денеска, во Охрид се обрати на трилатералната средба за научна соработка меѓу водечките универзитети и академиите на науки на Република Македонија, Република Турција и Република Бугарија, во организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Средбата се одржа со цел дефинирање на заедничките приоритети за соработка во повеќе научни области, со особен фокус на заедничкото учество и искористување на меѓународните истражувачки и развојни фондови. За време на средбата водечките универзитети и академиите на науки, потпишаа петгодишен Меморандум за соработка со кој се предвидува унапредување на досегашната соработка меѓу институциите, како на национално така и на меѓународно ниво.
„Лесно е да се најде оправдување за ваквата соработка, кога сите земји во регионот се стремат кон зајакнување на научната дејност, како главен столб на општествениот развој. Нашиот регион покажува континуиран напредок во оваа област, но покажува и потенцијал за уште поголеми успеси. Во тој поглед, Република Македонија одлучи активно да се вклучи во поддршката на науката и научно – истражувачката дејност, преку стратешки реформи и преку директни капитални инвестиции, кои веќе даваат видливи резултати“, истакна министерот Адеми во своето обраќање, при што ја нагласи активната улогата на Министерството во унапредувањето на научно-истражувачката дејност во земјава преку проектите како опремување на научно-истражувачки лаборатории, превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните светски универзитети, како и обезбедувањето на финансиска поддршка за научно-истражувачки трудови, проекти и творечки дејности.
Министерот Адеми посочи дека од оваа средба очекува да произлезат конкретни заклучоци кои ќе иницираат продлабочување на соработката помеѓу трите земји.