Во рамките на своите програмски определби и цели, Црвен крст Охрид и Општина Охрид заеднички ќе реализираат низа активности со хуманитарен предзнак и широко општествено значење.
Традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција на Црвен крст Охрид „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ на која младите своите спортски вештини и способности ги презентираат преку натпреварување во бројни спортски дисциплини и културно-забавни содржини, оваа година ќе биде збогатена и со крводарителска акција под покровителство на Општина Охрид, на која се очекува драгоцената течност да ја даруваат членови на спортските клубови и вработени во градските јавни претпријатија.
Традиционален партнер на акцијата „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ е комплексот Св.Ѓорѓија-Стоматолошки Центар Д-р Баткоски, кој и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни стоматолошки прегледи за посетителите и учесниците во оваа акција.
Манифестацијата ќе се реализира утре (сабота) на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“ и централно градско подрачје.