Македонија 3:2 Луксембург

Фудбалската репрезентација на Македонија успеа да го победи Луксембург со 3:2 во рамките од квалификациите за Европското првенство 2016 кое ќе се игра во Франција.

Македонската репрезентација ја имаше иницијативата се до 20-тата минута кога Александар Трајковски постигна гол и го отвори резултатот на овој натпревар. Веднаш по постигнатиот гол нашите се повлекоа и дозволија Луксембург да ја преземе иницијативата. Тоа резултираше со изедначување во 39-та минута со голот на Бенси. И по изедначувањето нашите делуваа повлечено, оставија повеќе простор за гостите кои дојдоа во водство од 1:2 преку Турпел во 44-та минута, резултат со кој се замина на полувреме.

Второто полувреме започна со две измени во редовите на Македонската репрезентација. Излегоа Цуцули и Ибраими, а во игра влегоа Абдурахими и Алиоски. Играта полека се стабилизира и нашите одново го имаа поседот на топката. Во 60-тата минута во игра влезе Јаховиќ на местото од Муарем. Шест минути подоцна беше досуден пенал за Македонија. Адис Јаховиќ прецизно го реализираше ударот од белата точка и го израмни резултатот на 2:2. Потоа следуваа повеќе шанси за нашата репрезентација, но без посериозни закани кон голот на Луксембург, а тоа траеше токму до финишот на натпреварот, односно во судиското продолжение (90+2) кога Абдурахими биеше прецизно од далечина и со прекрасен гол во горниот десен агол и донесе победа на репрезентацијата на Македонија.

Во нашата група Ц, по одиграни 2 кола на првото место е Словачка со 6 бодови, второто место го делат Шпанија, Украина и Македонија со по 3, а последнопласирани се Луксембург и Белорусија со по 1 бод.

Следниот натпревар Македонија го игра за 3 дена, во недела (12-ти октомври) во 18:00, кога нашата репрезентација гостува во Украина.

WebOhrid