Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ со своја интернет страна

Од денес, македонскиот интернет простор е збогатен со уште една интернет страна, www.artcolony.mk на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, која секое лето се организира во реномираниот ресторан „Виа Игнација“, во живописното Вевчани.

За време на пет годишното постоење, откако низ Ликовната колонија продефилираа повеќе од педесетина уметници, беа објавени десетици печатени публикации и беа организирани поголем број изложби, „Вевчанските видувања“ се етаблираат и на интернет просторот. На овој начин дополнително се афирмира самиот културен проект, но и културата воопшто, како и Вевчани.

Интернет страната има македонска и англиска верзија, а на неa можат да се најдат информации за историјатот на колонијата, фотографии од сликарите и од делата од 2010 до денес, електронска верзија на изработените каталози, како и соодветна контакт форма за комуникација со заинтересираните лица

Целта на оваа колонија е да претставува простор каде секоја година ќе се обединат голем број светски признаени уметници, кои инспирирани од убавините на Вевчани и неговите извори, ќе ја промовираат соработката и почитта помеѓу народите и државите и ќе создаваат уметнички дела кои ќе придонесуваат за поголемо меѓусебно запознавање и зближување.

Изминатите години со слики од Колонијата беа организирани поголем број изложби, меѓу кои и во Подгорица – Црна Гора, Софија – Бугарија, како и во Скопје, но и низ други градови во Македонија, кои предизвикаа голем интерес кај ликовната публика, но и кај пошироката јавност.