И годинава висока оценка од Европската комисија за Агенцијата за храна и ветеринарство

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија и оваа година доби висока оценка од страна на Европската комисија за напредокот во евро-интеграциските процеси за периодот октомври 2013-септември 2014 година, за Поглавјето 12 кое се однесува на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика.

Во претходните извештаи од страна на Европската комисија беше истакнато дека е обезбедено високо ниво на усогласеност со европското законодавство и политиките, вклучително и делот на административниот капацитет, a во последниот извештај на Комисијата, како клучни новини се потенцирани посветеноста на Агенцијата во имплементацијата на усвоеното законодавство, законите и подзаконските акти, како и надградбата на системот на официјални контроли засновани на ризик, за кои институцијата се стекна со високи оцени.

Како заклучок во извештајот, Европската комисија оценува дека Агенцијата за храна и ветеринарство е во напредна фаза на преземање на обврските кои се предмет на Поглавјето 12, во поглед на безбедност на храната и ветеринарната политика.

Имајќи предвид дека полноправното членство во Европската унија е еден од клучните приоритети на Република Македонија, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со преземање на мерки и спроведување на политики за унапредување на безбедноста на храната и ветеринарната политика, за надградба и одржување на воспоставените институционални системи, согласно насоките и барањата на Европската унијa.