Едно малолетник од Охрид е затекнат во незаконит риболов вчера во 18 часот и 35 минути од страна на патролата на полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“.
Малолетникот роден 1999 година е забележан на околу 20 метра од брегот наспроти угостителски објект на кеј „Македонија“ во момент кога со недозволено средство за подводен риболов-подводна пушка врши незаконит риболов.
По консултација со јавен обвинител, малолетникот е повикан во полициска станица каде во присуство на адвокат за малолетници извршен е разговор. На малолетникот одземена му е подводната пушка марка Ccessi-club, горен елек за нуркање марка Beuchat -црна боја, горно одело за нуркање со капуљача марка Ursuit, долен дел од нуркачко одело, маска за нуркање како и други предмети за нуркање.
Неодамна, во акциска патролна контрола во ноќните часови, полициските службеници кај малата плажа- вила ,,Билјана,, пронајдоа и одзедоа една рибарска мрежа со должина од околу 50 метри и димензии на окца 60×60 мм со улов од осумнаесет парчиња риба- десет парчиња охридски крап со вкупна тежина од 9,5 килограми и осум парчиња клен со вкупна тежина од осум килограми.
Во слична акција, полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ пронајде и одзеде 20 рибарски мрежи со вкупна должина над 1000 метри, близу 30 килограми парчиња разновидна риба и повеќе примероци на риболовен алат и прибор. Согласно законот за рибарство и аквакултура, против неколку лица поднесени се прекршочни пријави.