Музејот има оддели за праисториска археологија, античка и средновековна археологија, оддел за нумизматика (со над 3000 монети), лапидариум, антрополошка поставка… Покрај богатата археолошка поставка, опремен е и со стаклени витрини, 15 восочни фигури, 83 уметнички слики, видеоанимации, амбиентални ситуации, мозаици и реконструкции. Сето тоа е претставено со употреба на најсовремена музејска технологија, специфично светло и амбиентална музика …
Највредните примероци на македонското културно наследство се претставени во репрезентативниот објект на Археолошкиот музеј на Македонија, кој свечено беше отворен во саботата. Веќе наредниот ден, во неделата до 14 часот, во музејот влегле 300 посетители. Директорката Весела Честоева очекува голема посетеност зашто интерес за музејот имало уште при изградба на објектот.
Иако беа најавени 6.000, новиот музеј располага со 7.800 артефакти. Тие се распордени во 165 витрини, а поради нови експонати кои ќе бидат изложени, се подготвуваат уште 34 витрини.
Музејот е отворен секој ден освен понеделник, од 10 до 20 часот. Посетите може да бидат индивидуални или во група со водич. Ангажирани се десет водичи во две смени. Влезницата е 100 денари, 50 денари е за организирани посети и за деца, а бесплатен е влезот за деца без родители, деца на самохрани родители или со посебни потреби. За странци билетот чини 300 денари или 150 за организирана посета. Вкуно се вработени 60 лица. Дел од кустосите се преземени од Музејот на Македонија, а дел се примени на конкурс.
Археолошкиот музеј има три ката и површина од 6.000 квадратни метри. Вредните експонати раскажуваат приказна од овие овие простори – од праисторијата – палеолитот (50000 г. п.н.е.) до средниот век. Првпат и ексклузивно пред јавноста се претставени рановизантиските оригинални мозаици од локалитетот Суводол, копијата од саркофагот на Александар Македонски (единствена копија во светот направена од оригиналот кој се чува во Истанбул), штитот од 3 век пр.н.е. од локалитетот Бонче, реконструираната римска кочија од втор век од Делчево, стаклената чаша – дијатрета од 4 век најдена во Дебарско…
Музејот има оддели за праисториска археологија, античка и средновековна археологија, оддел за нумизматика (со над 3000 монети), лапидариум, антрополошка поставка… Покрај богатата археолошка поставка, опремен е и со стаклени витрини, 15 восочни фигури, 83 уметнички слики, видеоанимации, амбиентални ситуации, мозаици и реконструкции. Сето тоа е претставено со употреба на најсовремена музејска технологија, специфично светло и амбиентална музика.