Македонија и Србија имаат одлична соработка во областа на одбраната: министерот Јолевски во посета на Белград

„Македонија и Србија се две соседни исклучително пријателски земји кои соработуваат и се поддржуваат во сите области, вклучувајќи ја и одбраната. Потврда за тоа е и одличната билатерална комуникација и отворениот и конструктивен дијалог за прашања од заеднички интерес“, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски кој денес престојува во официјална посета на Република Србија.

Во рамките на официјалната посета, министерот Јолевски оствари средба и со претседателот на Комисијата за одбрана и внатрешни работи во српскиот Парламент, Марија Обрадовиќ, а ги посети и Воената и Военомедицинската академија.

По средбата со неговиот колега, српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ, министерот Јолевски посочи дека оваа посета, освен што е насочена кон генерално унапредување на соработката со Србија, таа дава и можност за конкретизирање на проектите и темите на кои ќе работиме во иднина.

Во тој контекст, министерот се концентрираше на военото образование и преносот на искуства од учеството во мировни операции на Обединетите Нации. „За нас од големо значење е развојот на процесот на едукација и тренинг, кој е еден од основите на секоја Армија. Токму затоа во рамки на оваа посета имам можност да се запознаам со капацитетите на Воената академија и на добропознатата и високо реномирана Военомедицинска академија, кои се импресивни, рече министерот Јолевски.

Двете земји тесно соработуваат и во рамките на регионалните иницијативи, од каде произлезе и проектот за Балкански медицински сили, чиј центар ќе биде во Скопје.

Дополнително, како можна опција за соработка беше споменат Центар за обука на пилоти кој функционира во Република Македонија и размената на искуства од учествата во мировните мисии на Обединетите Нации, имајќи ја предвид позицијата на Србија како еден од најголемите регионални придонесувачи кон мисиите на ООН.

Министерот за одбрана на Србија, Гашиќ, изјави дека двете земји имаат високо ниво насоработка која се карактеризира со голем процент на реализирани активности. Министерот Гашиќ истакна дека, постои голем потенцијал за развој особено во контекст на размената на искуства, во мировни мисии, центрите во двете земји и можностите за развој на капацитети за реакција во случај на природни непогоди.

На средбата во парламентот на Србија, министерот Јолевски и претседателката на Комисијата за безбедност, Обрадовиќ, разговараа за начините на унапредување на соработката во одбраната, имајќи ги предвид одговорностите и обврските на националните парламенти. Тие се согласија дека постои потреба од унапредување и интензивирање на парламентарната соработка во ова поле, како основа за интензивирање на соработката помеѓу двете земји, воопшто.