Претседателот Иванов се сретна со делегација од Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска прими делегација од Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој.

На средбата стана збор за соработката помеѓу Република Македонија и Европската банка за обнова и развој, која датира од 1993 година и се оценува за исклучително успешна.

Претседателот Иванов, искажа благодарност за улогата и ангажманот на ЕБОР како еден од најголемите поддржувачи на развојот на Република Македонија, преку реализација на повеќе проекти, а како посебно значајни ги нагласи проектите од областа на патната инфраструктура, транспортот и енергетиката.

Соговорниците разменија мислења и информации за состојбите во поширокиот регион. Во тој контекст делегацијата од ЕБОР искажа благодарност и ја нагласи улогата на Република Македонија и на претседателот Иванов за неговиот ангажман на регионален план, и ги поздравија напорите за конкретизирање на проектите кои ќе овозможат инфраструктурно поврзување на целиот регион на Југоисточна Европа.

На средбата делагацијата од ЕБОР ја реафирмираа подготвеноста за натамошна поддршка на развојот на Република Македонија во согласност со нашите потреби. Особено внимание беше ставено на големите инфраструктурни проекти, како што се Коридорите 8 и 10, како и на енергетските проекти.

Соговорниците заклучија дека соработката помеѓу Република Македонија и Европската банка за обнова и развој има основи да се продлабочи и интензивира во наредниот период, во насока на зајакнување на економскиот развој на државата.

На интерес на членовите на бордот на директори од ЕБОР, претседателот Иванов ги информираше за актуелните економски состојби во Република Македонија, за регионалната соработка, како и за стратешките цели на земјата, односно за актуелностите на планот на евроатлантските интеграции на Република Македонија. Во тој контекст, претседателот Иванов ги запозна соговорниците со процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед, што претставува единствената пречка за продолжување на интегративните процеси, нагласувајќи дека блокадите не не обесхрабруваат сами да ги продолжиме реформите, да ги достигнуваме европските вредности и критериуми, и да постигнуваме економски резултати.

prm_ebor_1